ВИДЕО | Фекалии во водата во Гостивар, со лисици на рацете приведена е директорката на „Комуналец“ Артана Асани, која тврдеше дека епидемијата не е од водата, туку од храната
Министерот за здравство Сашо Клековски и директорката на Институтот за јавно здравје доктор Марија Андоновска не смеат да ги кажат резултатите од анализите на водата во Гостивар што ги направи Институтот, зашто Обвинителството им потенцирало дека така ќе се наруши истрагата. Тие одржаа прес-конференција во Владата каде што иако не кажаа какви се резултатите од завршените анализи, сепак зборуваа за лоцирање одговорност, од што можеше да се насети дека резултатите сугерираат на вода чии параметри отстапуваат надвор од нормалните. Иако новинарите од повеќе редакции упатуваат прашања до ОЈО за тоа какви се резултатите од испитаната вода во Гостивар, одговори нема. Скопје 1 објави дека водата во Гостивар според анализите на ИЈЗ била контаминирана со фекални колиформни бактерии, додека во еден примерок било регистрирано и зголемено количество хлор.
Препорачано
Додека траеше прес-конференцијата, полицијата приведе три раководни лица од гостиварски „Комуналец“, што коинцидира со изготвувањето на резултатите од водата од страна на ИЈЗ. Приведени се Артана Асани, директорка на ЈП „Комуналец“ Гостивар, заедно со техничкиот директор Леон Нуредини и раководителот Вадедин Дервиши.
„Полициски службеници од ПС Гостивар во координација со Основното јавно обвинителство Гостивар лишија од слобода три лица во врска со сомненијата за загадување на водата во гостиварскиот водовод. Лишени од слобода се А.А. од с.Здуње – в.д. Директор на ЈП „Комуналец“ Гостивар, В.Д. од с.Форино шеф на „Водовод и канализација и Л.Н. од с.Вруток – технички директор на ЈП „Комуналец“ Гостивар“, информираа од МВР.
Надлежните институции продолжуваат да преземаат дејствија за прибирање докази во предистражна постапка.
Директорката претходно беше суспендирана од страна на градоначалникот на Гостивар Валбон Лимани, па доведена во станица со лисици на рацете. Одговарајќи на хипотетичко прашање – дали доколку водата би била контаминирана со фекалии, тогаш кај граѓаните би се јавиле истите стомачни проблеми кои сега ги имаат, директорката на ИЈЗ Марија Андоновска одговори потврдно.
-Во секое семејство има барем еден кој има симптоми, ама официјалните пријави се малку – рече Андоновска.
Министерот за здравство Сашо Клековски откри дека најмладиот пациент со симптоми е на возраст од една-две години, а најстариот има 80 години. Секој ден владата ќе обезбедува по 50 илјади литри вода за гостиварци, за пиење. Водата е забранета за секаква употреба, вклучително и за туширање, за миење садови, или што било друго. Досега 3.100 луѓе од Гостивар побарале помош или во болница, или преку телефон, или во Здравствениот дом во градот. Интервенирала и итната помош. Вчера 564 граѓани побарале помош поради симптомите.
-Хоспитализирани се три возрасни и едно дете. Се пријавил и човек во Скопје на Инфективната клиника, кој живее во Гостивар – вели Клековски.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека морална одговорност треба да понесат сите, од градоначалникот па надолу по хиерархија во гостиварската локална власт.
-Инаку, апсолутно сите таму од прв до последен треба да понесат морална одговорност. Покрај тоа што претпоставувам Обвинителството ќе се занимава со друга одговорност, очекувам од градоначалникот па надолу сите да понесат одредена морална одговорност – рече премиерот.
Тој додаде дека локалното јавно претпријатие „Водовод“ треба да почне да го чисти системот, да го хлорира, па за некој ден граѓаните да може да ја користат водата за технички потреби.


