Во Скопје ќе се градат 30-тина бунари за техничка вода, Градот ќе го чинат 40 милиони денари
Град Скопје ќе вложи 40 милиони денари со вклучен ДДВ за изградба на бунари за техничка вода. На крајот на минатиот месец Градот склучил договор, односно рамковна спогодба со времетраење од три години со фирмата „Хидротек“ од Скопје, која доставила најдобра понуда на објавениот јавен повик.
Препорачано
Во финансиската понуда на фирмата, објавена на Електронскиот систем за јавни набавки, е наведено дека изградбата на еден бунар заедно со сите трошоци ќе чини околу 1,35 милиони денари со пресметан ДДВ. Тоа значи дека со парите, кои Град Скопје ги предвидел во договорот, би можеле да се изградат 30-тина бунари за техничка вода.
Бунарите за техничка вода како што е познато се користат за наводнување на јавните зелени површини, без притоа да се користи вода за пиење, што е особено важно во летните месеци.
Особено, ако се има предвид дека во градска надлежност, односно на ЈП „Паркови и зеленило“ е, како што велат од Градот, грижата и одржувањето на повеќе од 17 милиони квадратни метри зелени површини, кои треба редовно да се косат и наводнуваат. Без техничка вода за наводнување ова би претставувало огромна потрошувачка на питка вода, а како што е познато, секое лето кога се случуваат „кризите“ со вода во одредени подрачја на Скопје, апелите од ЈП „Водовод и канализација“ се токму во таа насока – да не се користи питка вода за наводнување дворови, ниви и зелени површини.
Од Град Скопје неодамна за „Слободен печат“ во врска со одржувањето на зеленилото преку лето, посочија дека системите за наводнување на клучни локации, како Кејот на Вардар и Градски парк, биле во исклучително лоша состојба, но дека со навремени интервенции и вложувања, тие системи биле санирани и ставени во функција.
Скопје пожолте, прскалките на „пауза“, редовно се наводнува само каде што има хидрантска мрежа
Во сите делови од градот, пак, каде што постои функционална хидрантска мрежа, според градските власти, екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ редовно го полеваат зеленилото во периодот од 22 часот навечер, до 6 часот наутро.
Во однос на бунарите за техничка вода од Градот посочија дека се работи на тоа со нив да биде опфатено целото градско зеленило.
Во текот на овој мандат предвидено е целокупното градско зеленило постепено да биде покриено со систем на бунари со техничка вода. Со ова решение ќе се обезбеди одржлив и економичен начин на наводнување, ќе се намали потрошувачката на вода за пиење и ќе се создадат подобри услови за развој и зачувување на зелените површини во градот – посочија од Град Скопје.
Оттаму не прецизираа каде точно планираат изградба на нови бунари.


