Скопје пожолте, прскалките на „пауза“, редовно се наводнува само каде што има хидрантска мрежа
Во однос на тоа зошто нема прскалки во Градски парк, каде што се наводнува со техничка вода, од Градот нема прецизен одговор, туку велат дека во сите делови од градот каде што постои функционална хидрантска мрежа, екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ спроведуваат редовно наводнување во периодот од 22 до 6 часот наутро.
Летото штотуку започна, а повеќето зелени површини низ градот веќе се пожолтени и суви. Градскиот парк што до пред една недела имаше зелена трева, се исуши откако после неколку жешки денови.
Препорачано
Граѓаните од различни населби на Скопје посочуваат дека секаде е иста ситуацијата и низ парковите и на кејот и на површините меѓу зградите.
Сите паркови се такви низ цела општина. За ова се надлежни „Паркови и зеленило“ и речиси во секој парк имаат поставено прскалки, но нејасно е зошто не ги пуштаат. Изгледа чекаат некој пожар да се случи и да ги обвинуваат граѓаните за немарност – реагира жител на општина Аеродром.

Оваа состојба се повторува со години низ градот штом се покачат надворешните температури. Притоа локалните власти и ЈП „Паркови и зеленило“ постојано тврдат дека јавните парковски површини редовно се одржуваат, се косат и полеваат. Но, доколку редовно се полева невозможно е зеленилото да е исушено, а притоа веднаш се забележува каде тоа навистина се прави. Па така, паркот „Жена борец“ деновиве е зелен иако сѐ околу него е спржено, затоа што прскалките со вода се пуштени преку цел ден.
Луѓето што се шетаат и се рекреираат покрај Вардар немаат такво задоволство да гледаат околу себе зелени површини, затоа што се чувствуваат како да шетаат среде ниви со ожнеано жито.
Каква е состојбата на кејот на Вардар можеби најдобро се виде од неодамнешната објава на Фејсбук на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски во која тој се пофали дека „едно од најубавите и најпосетувани места во Скопје, просторот каде илјадници скопјани секојдневно пешачат, спортуваат, се рекреираат и поминуваат време со своите семејства“, го уредуваат со нова урбана опрема.
Како што рече Ѓорѓиевски, поставени се нови клупи и корпи за отпадоци, со што кејот станува попријатен, почист и пофункционален за сите граѓани. Истовремено, тој најави дека ќе продолжи редовното одржување на кејот, но на видеото што го објави можеше да се забележи дека сѐ е жолто, а работниците изгледаа како да работат на нива косејќи и гребејќи сува трева.

Оние граѓани што токму тогаш се нашле на кејот, прашуваа зошто се коси кога сѐ е исушено.
Случајно се затекнав на кејот кога работеа екипите од „Паркови“. Наместо да полеваат, тие дозволија сѐ да се исуши. За што косат сега? Само се крева ужасна прашина. И не е само на кејот така! Ене го, пожолте и паркот. Па каде им се прскалките, нели е срамота и гревота да се дозволи ништо зелено да не остане – реагираше граѓанин во нашата редакција.
На забелешките од граѓаните и на нашите прашања зошто сега се коси кога тревата е исушена и зошто не се полеваат редовно зелените површини на овие жештини, па дури ни тревата во Градски парк, од Град Скопје велат дека редовно се грижат за зеленилото, за разлика од порано.
Град Скопје континуирано се грижи за одржувањето на повеќе од 17 милиони квадратни метри зелени површини, кои редовно се косат и наводнуваат. За разлика од состојбите во минатото, кога на многу локации низ градот зеленилото беше запоставено. По преземањето на мандатот, системите за наводнување на клучни локации, како Кејот на Вардар и Градски парк, беа во исклучително лоша состојба. Со навремени интервенции и вложувања, тие системи беа санирани и ставени во функција, што овозможува поефикасна грижа за зелените површини и заштита на животната средина – тврдат од Градот.

Во однос на тоа зошто нема прскалки во Градски парк, каде што се наводнува со техничка вода, од Градот нема прецизен одговор, туку велат дека во сите делови од градот каде што постои функционална хидрантска мрежа, екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ спроведуваат редовно наводнување во периодот од 22 до 6 часот наутро.
Дополнително, во текот на овој мандат предвидено е целокупното градско зеленило постепено да биде покриено со систем на бунари со техничка вода. Со ова решение ќе се обезбеди одржлив и економичен начин на наводнување, ќе се намали потрошувачката на вода за пиење и ќе се создадат подобри услови за развој и зачувување на зелените површини во градот – посочуваат оттаму.
Дотогаш, да се надеваме на повеќе дождови, но и на поголемо ангажирање не само на екипите на „Паркови и зеленило“ туку и на општините околу наводнување на зелените површини што се во нивна надлежност.


