Аква парк - Борис Трајковски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Аква парк - Борис Трајковски - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Трето лето минува, а Скопје е без аквапарк

Поради висината на сумата и недоволните финансии за да ја покријат самостојно, од Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за „Слободен печат“ соопштија дека започната е етапна санација на Аквапаркот со цел да биде подготвен за наредната летна сезона, која ќе опфати сервис и сертифицирање на тобоганите, потоа санирање на водните пумпи и на дел од патеките.

Трета сезона по ред, скопскиот аквапарк е затворен за посетители, а според информациите од СЦ „Борис Трајковски“, кои управуваат со просторот, граѓаните и ова лето нема да можат да го користат како опција за разладување и забава, земајќи предвид дека во моментов, како што не информираа од спортскиот центар, се врши етапно сервисирање и поправање на реквизитите.

Аква парк - Борис Трајковски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Аква парк – Борис Трајковски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Истечени сертификати и огромни загуби

Аквапаркот беше изграден и пуштен во употреба во 2015 година и беше вистинска атракција за младите, но и за семејствата, кои редовно го посетуваа и уживаа во програмата и во реквизитите што ги нуди.

Сепак, од 2023 година паркот веќе не работи и три лета е затворен, а причината, според последниот извештај на Државниот завод за ревизија, се големите финансиски загуби на објектот, односно бил остварен значително помал приход од очекуваниот поради намалената посетеност во последниот период. Во меѓувреме истекле и дозволите за употреба и исправност на тобоганите и на другите реквизити.

Ревизија во СЦ „Борис Трајковски“: Не работи Аква паркот, нема приходи од паркирање, а неизвесно е и греењето на базенот

Според извештајот на ревизорите, Аквапаркот во 2023 година заработил 70 илјади евра, а било планирано да има заработка од 120 илјади, со што остварил за 41 отсто помал приход од очекуваниот, а потоа во 2024 година паркот воопшто не работеше.

– Како причина за оваа состојба е наведена економската неисплатливост од работата на Аквапаркот, како и истечениот гарантен рок од 10 години на вградените реквизити, опрема и инсталации во кој период изведувачите гарантираат за квалитетот на изведените работи. Оваа состојба предизвикува неизвесност за натамошната работа на Аква паркот и влијае врз остварените приходи и резултатот од работењето на друштвото – се вели во ревизорскиот извештај.

Реновирањето е скапо, но потребно

Денес скопскиот аквапарк е сѐ уште под катанец, но од СЦ „Борис Трајковски“ велат дека иако нема да работи оваа сезона, паркот се подготвува да ги отвори вратите следното лето. За тоа да се случи во тек е активности и планирање на зафат со кој ќе се сервисираат топоганите, ќе се санираат базените, патеките и административната зграда, кои, според центарот, се во многу лоша состојба и неопходно е да бидат обновени, но оттаму потенцираат дека овој зафат е премногу скап и за него се потребни средства што тие како спортски центар самостојно не можат да ги одвојат.

– Во однос на вашето прашање поврзано со Аквапаркот, ве информираме дека од 2022/2023 година е целосно запуштен и во голем дел руиниран поради несоодветна грижа. Зафатот што треба да го опфати целиот аквапарк, вклучувајќи ги тобоганите, базените, патеките, водните пумпи, административната зграда којашто е во голем дел уништена, несомнено треба да се случи, но истиот чини сума којашто ние како спортски центар самостојно не можеме наеднаш да ја обезбедиме – велат од спортскиот центар.

Аква парк - Борис Трајковски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Аква парк – Борис Трајковски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Директорот на спортскиот центар Даниел Апостоловски неодамна изјави дека за реконструкција на Аквапаркот се потребни околу милион евра.

До следното лето треба да се подготвен

Поради висината на сумата и недоволните финансии за самостојно да ја покријат, од спортскиот центар за „Слободен печат“ соопштија дека е започната етапна санација на Аквапаркот со цел да биде подготвен за наредната летна сезона, која ќе опфати сервис и сертифицирање на тобоганите, санирање на водните пумпи и на дел од патеките.

– Од таа причина започнавме дел по дел да вршиме санација на Аквапаркот, сѐ со цел да може од наредното лето да работи непречено. Со санацијата ова лето се опфатени сервисот на реквизитите (тобоганите) и нивно сертифицирање, водните пумпи, како и дел од патеките што се веќе дотраени – велат од „Борис Трајковски“.

Аква парк - Борис Трајковски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Аква парк – Борис Трајковски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Планот е годинава да се заврши со овие крупни зафати, за следната година да се намали обемот на работа, како и трошоците, со што навремено треба да завршат сите подготовки и новитети за негово повторно пуштање во употреба.

– Со тоа наредната година ќе го намалиме обемот на работа, како и трошокот и ќе можеме навремено да ги завршиме сите потребни подготовки. Максимално вложуваме труд и енергија да го решиме овој проблем и Аквапаркот да продолжи да функционира непречено како првите години од неговото отворање, односно да внесеме новитети и уште подобри содржини за сите посетители – најавуваат од спортскиот центар.

Аквапаркот беше отворен во 2015 година пред почетокот на летната сезона. Просторот располага со десет тобогани, детски базен, базен со бранови, „мрзлива река“, административна зграда и кафуле, распространети на површина од околу 12 илјади квадратни метри.

Аква парк - Борис Трајковски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Аква парк – Борис Трајковски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Според достапните информации, првично проектот за изградба на Аквапаркот бил проценет на околу 4,2 милиони евра, додека, пак, склучениот договор за изградба вредел нешто над 326 милиони денари или околу 5,3 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот