Израел намерно ги таргетирал децата во Газа, што претставува геноцид, покажува истрага на ОН
Израелските власти и безбедносните сили намерно ги таргетирале палестинските деца, што резултирало со геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства во Газа и воени злосторства на окупираниот Западен Брег, откри денес независна истрага на ОН.
Препорачано
Извештајот на Независната меѓународна комисија за истрага на ОН на окупираната палестинска територија, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, и во Израел ги испитува кршењата на правата на палестинските деца од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври 2023 година.
Околу 30 проценти од убиените во војната во Газа биле деца, се наведува во извештајот.
Претходниот извештај на комисијата во септември откри дека Израел извршил геноцид во Газа и дека високи израелски функционери, вклучувајќи го и премиерот Бенјамин Нетанјаху, го охрабриле тоа, што според Израел се скандалозни обвинувања.
Израел: Клеветничка фарса
Израелската мисија во Женева соопшти дека Израел го отфрла, како што наведе, вториот извештаљј што содржи клевети.
„Израел ја отфрла оваа клеветничка фарса“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека „секое дете заслужува заштита“, и се тврди дека извештајот ги игнорира „бруталните тактики на Хамас“.
Комисијата на ОН тврди дека палестинските деца биле намерно таргетирани и убиени за време на војната, вклучително и по стапувањето во сила на прекинот на огнот во октомври 2025 година. Таа тврди дека ова е клучен елемент што ја утврдува геноцидната намера на израелските власти и безбедносните сили да го уништат палестинското население во Газа, целосно или делумно.
„Доказите покажуваат дека израелските безбедносни сили намерно целеле и убивале палестински деца“, изјави Сринивасан Муралидар, претседател на комисијата, во изјавата што го придружува извештајот.
Повеќе од 20.000 деца убиени
Извештајот покажа дека процентот на убиени деца е поголем отколку во претходните конфликти. Помеѓу 7 октомври 2023 година и 7 октомври 2025 година, најмалку 20.179 деца биле убиени, што претставува околу 30 проценти од вкупниот број на смртни случаи.
За споредба, во конфликтите во Газа од 2008-2009 и 2014 година, децата учествувале со околу 24 проценти во жртвите поврзани со конфликтот, се вели во извештајот.
Израелските сили продолжиле да користат муниција и оружје од голем калибар со широки ефекти во густо населените станбени области и покрај зголемениот број на жртви од деца, соопшти комисијата.
„Ова сугерира дека ваквите напади, во кои загинале деца во толку голем број, биле намерни“, се вели во извештајот.
Се додава дека се верува оти децата биле колективно целни напади бидејќи израелските безбедносни сили верувале дека целото цивилно население е поврзано со Хамас и други вооружени групи.
Муралидар рече дека со целење на децата, Израел ја поткопува способноста на палестинскиот народ да постои и да ја одреди својата иднина.
Докази за тортура и насилство врз деца на Западниот Брег
Истрагата, исто така, откри дека нападите врз здравствените и репродуктивните установи влијаеле врз преживувањето на новороденчињата, и забележа зголемување на абортусите, како и дека речиси сите деца во Газа наводно имале потреба од психолошка поддршка.
На Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, истражната комисија откри нагло зголемување на насилството врз палестинските деца од страна на израелските доселеници и документираше докази за тортура, вклучително и сексуално и родово базирано насилство, за време на масовните апсења и притворања.
Комисијата заклучи дека палестинските деца, особено момчињата, биле подложени на систематска злоупотреба во притвор, вклучително и насилно соблекување, тепање и лишување од храна.


