Некогаш кафеаните беа „институција“, сега да ти е страв да влезеш
За една година храната во угостителските објекти поскапела за 6,4 проценти, алкохолниот пијалак за 7,3 проценти, а безалкохолните пијалаци за 4,1 проценти
Во првите 5 месеци од годинава во однос на истиот период лани, храната во угостителските објекти е поскапена за 6,4 проценти, алкохолните пијалаци за 7,3 проценти, безалкохолните за 4,1 проценти, пресмета Државниот завод за статистика.
Препорачано
Иако кафеаните често се полни, па дури и за некои поактуелни места треба резервација, во кафеаните велат дека голем дел од гостите веќе им се познати, односно дека тој што има пари за кафеана редовно оди, тој што нема ретко си дозволува. Семеен ручек за двајва возарасни и две деца, ако се истера по сите адети од предјадење до десерт, нема да може да помине без четири-пет илјади денари.
Некогаш се вртеше онаа познатата „кафеана е институција“, а денес дека во таа институција треба да се влезе со многу пари. Голем дел од нашите сограѓани се откажале од традиционалните семејни ручеци, а неретко по социјалните мрежи се споделуваат сметки од нашите угостителски објекти. Најсвеж пример е споделена сметка со флаширана вода од 700 милилитри наплатена 470 денари?!
„Ја само нарачав флаширана вода. Не побарав никаков бренд. Не нагласив да биде „Евиан“, ниту па таа вода ја има на менито. Уште нарачав две шишиња, а тие чинеа 940 денари“, револтирано напиша една наша сограѓанка на социјалните мрежи.
„Евиан“, пак во продавница чини 95 денари. Но, реакции има и за „поевтините“ води. Една наша сограѓанка исто сподели сметка, а во неа има флаширана вода 0,7 литри 200 денари, нес-кафе 200 денари и тоник 200 денари.
Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори во изјава за „Слободен печат“ тврди дека во угостителските објекти веќе има намалување на цените, или разни акции како што е „среќен час“.
-Новите цени не помина и угостителите пристапија кон нивно намалување, или разни акции. Зголемувањето на цените беше оправдано. Само колку чинеа сметките за електрична енергија зимава! Работната рака веќе подолго време е значително поскапена. За да се задржи работникот 12 месеци, за да не оди на сезонска работа на море, се нудат високи плати, па сега келнер зема плата како министер! – вели Керим.
Керим тврди и дека ние имаме најниски цени во угостителските објекти во регионот.
-Цените во регионот, во угостителскиот сектор се до 100 проценти повисоки отколку кај нас-категоричен е Керим.
Според него, очекуван е нивниот раст и поради големиот раст на цените во трговската мрежа.
Но, поплаките на граѓаните не се само за цените, туку и за квалитетот на услугите. Едуцирани угостители се потешко се наоѓаат. Многумина не знаат како да послужат, како да се однесуваат со гостите, не ги знаат пијалаците, видовите на вино. Воочливо е и што при подготовка на храна, најголем дел од угостителите штедат на суровините, иако цените растат.
Љубителите на традиционалното кафеанско мезе, што вообичаено подразбира ќебапчиња, сега го плаќаат по цени од 26 до 30 денари. Неретко, коментарите се дека се со големина на малото прсте. „Фенси“ салатите со малку зелената салата, некој орев и траги од пармезан се продаваат по 300 денари.
Секако, има и ресторани во кои може да добиете попристоен оброк за попристојна цена, но генерално кафеаните го губат својот дух и се претвораат во комерцијални канцеларии.
Чаша вода ги бранува рестораните во Европа
Пред повеќе од еден месец, водата за пиење во рестораните стана тема за која многу се зборуваше во Европа, откако во Италија, Врховниот суд донесе одлука дека луксузниот хотел против кој поткренала тужба една гостинка, не е должен да ја послужи со вода од чешма. Пекет-аранжманот бил неколку илјади евра, аргументите на гостинката биле дека водата е основно право и дека треба да биде достапна како и сапун или постелнина, но не поминале.
Тогаш, медиумите ја „обработија“ темата и нотираа дека во Шпанија, од 2022 година, сите угостителски објекти се законски обврзани да понудат бесплатна вода од чешма како алтернатива на флаширана вода. Во Португалија е забрането да се одбие послужување на вода од чешма, ако клиентот ја побара. Во Франција постои традиционалната практика, според која ресторанот мора да понуди бесплатна вода со оброк. Во Велика Британија, обврската е поврзана со лиценците за алкохол – сите објекти што служат алкохол мора да понудат и бесплатна вода на барање. Примерот со Грција, веројатно им е познат на сите – обично прво доаѓа бокалот со студена вода, па потоа се прави нарачката за јадење. Во Германија, Белгија и Холандија, пак, водата најчесто се третира како комерцијален производ и се наплаќа, понекогаш дури и поскапо од безалкохолни пијалаци или пиво.
Владата најавува нови мерки за цените – целта е инфлацијата да остане под 3 проценти


