ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Џамбазовска: Помалку од шест влажни пелени дневно е аларм дека бебето не цица доволно
Високите летни температури носат дополнителни предизвици за новите родители, особено кога станува збор за доењето и негата на новороденчињата. Како топлото време влијае врз доењето, колку често треба да цица бебето и како родителите да препознаат дали внесува доволно млеко, во емисијата „Медицинско катче“ одговор побаравме од медицинската сестра и едукатор за доење Наташа Џамбазовска од болницата „Аџибадем Систина“.
Препорачано
Според Џамбазовска, доењето е природен процес, но истовремено и вештина што треба заедно да ја совладаат мајката и бебето. Таа нагласува дека првите денови по породувањето се исполнети со многу емоции, но и со несигурност кај мајките.
-Мајката е преплавена со безброј прашања – дали ќе има доволно млеко, дали ќе знае да го смири бебето и дали ќе успее во процесот на доење. Затоа поддршката и едукацијата се исклучително важни- вели таа.
Џамбазовска објаснува дека бебето треба да се стави на града што е можно побрзо по раѓањето, бидејќи во првите часови рефлексот за цицање е најсилен. Честото ставање на бебето на града го поттикнува создавањето на млеко и го олеснува воспоставувањето на доењето.
-Нормално е мајката во првите денови да нема доволно млеко. Потребно е време за да се воспостави лактацијата. Затоа препорачуваме бебето често да се става на града и да не поминуваат повеќе од три часа меѓу подоите – објаснува Џамбазовска.
Таа потсетува дека мајчиното млеко е најдобрата храна за новороденчето бидејќи содржи антитела кои го штитат бебето од бројни инфекции и болести. Освен за детето, доењето носи придобивки и за мајката, која побрзо се опоравува по породувањето.
Во однос на летниот период, Џамбазовска советува мајките да внимаваат на сопствената хидратација и да внесуваат доволно течности.
-Во текот на летото многу е важно мајката да пие вода и други течности, околу два литра во текот на денот. Бебето треба почесто да цица, а мајката да одмара секогаш кога бебето спие- истакнува таа.
Еден од најчестите стравови кај родителите е дали бебето внесува доволно млеко. Според Џамбазовска, најдобар показател не е мерењето на тежината секој ден, туку бројот на влажни пелени и столиците.
-Доколку бебето има помалку од шест влажни пелени дневно и помалку од две до три столици, тоа може да биде знак дека не внесува доволно млеко и треба да се консултира педијатар- вели таа.
Особено важен е и правилниот начин на поставување на бебето при доење. Доброто позиционирање овозможува ефикасно празнење на градата, спречува појава на болки и рани на брадавиците и го намалува ризикот од маститис.
Џамбазовска вели дека според препораките на Светската здравствена организација, бебињата треба да бидат ексклузивно доени во првите шест месеци од животот.
-По шест месеци се воведува дополнителна исхрана, а доењето може да продолжи и понатаму. Некои мајки дојат до една година, некои до две години. Тоа е индивидуална одлука и нема ништо погрешно во подолгото доење- нагласува таа.

За време на летните горештини, новороденчињата не треба да бидат претоплувани, советува Џамбазовска. Таа препорачува прошетки во утринските и вечерните часови кога температурите се пониски, како и одржување пријатна температура во домот.
-Не е потребно да се чекаат 40 дена за да се изнесе бебето надвор. Во посвежите делови од денот може слободно да се шета. Најважно е бебето да не биде претоплено и редовно да се следи дали има доволно урина- додава таа.
На крајот, Џамбазовска апелира родителите да имаат повеќе доверба во себе и да не дозволуваат бројните совети од околината да создадат дополнителен притисок.
-Стравот и несигурноста се нормални во првите денови. Со време сè станува полесно. Најважно е родителите да бидат смирени, да го гушкаат бебето и да уживаат во секој момент со него- порачува таа.


