Нов спор околу правилата за увоз на храна во ЕУ
Преговорите за новите правила за пестициди во Европската Унија влегоа во последна фаза, но сè уште не е постигнат договор меѓу земјите-членки. Најголемото несогласување се однесува на третманот на остатоците од пестициди во увезената храна, каде што Франција инсистира на политика на нулта толеранција, додека некои членови предупредуваат дека таков пристап би можел да отвори трговски и правни проблеми.
Препорачано
Кипар, кој претседава со Советот на ЕУ, се обидува да обезбеди компромис за пакет мерки за поедноставување на регулативите во областа на безбедноста на храната и храната за животни, објави Agronews. Предлогот на Европската комисија беше презентиран во декември, со цел намалување на административниот товар и зајакнување на конкурентноста на европското земјоделство.
Досега е постигнат договор за одредени делови од пакетот, меѓу кои се продолжувањето на заштитата на податоците за биоцидните производи и олеснувањето на правилата за употреба на пестициди од страна на дронови. Сепак, две точки сè уште предизвикуваат најголем отпор – процедурите за одобрување на активни супстанции и правилата за максимално дозволените остатоци од пестициди во увезените производи. Според компромисниот предлог, неограничената важност на дозволите би била можна само за супстанции со низок ризик и производи што содржат само такви состојки. За други супстанции, се предлага да се продолжи важноста на дозволите од 10 на 15 години, или од 15 на 25 години, со задржување на преодните периоди предложени од Европската комисија.
Обезбеден е посебен третман за биолошката заштита на растенијата. Биолошките препарати треба да имаат приоритет во процесот на евалуација и забрзана постапка за одобрување во споредба со конвенционалните пестициди. Прашањето за остатоци од пестициди во увезената храна останува најконтроверзно. Текстот на компромисот предвидува дека проценките на влијанието се прават од случај до случај, со задолжително разгледување на можните последици за меѓународната трговија. Франција, сепак, бара построг пристап и нулта толеранција за остатоци од пестициди, додека Германија, нордиските земји и Холандија се залагаат за повнимателен модел.
Отпорот кон компромисот продолжува. Според дипломатски извори, неколку земји-членки се обидуваат да соберат блокирачко малцинство за да го спречат усвојувањето на предлогот. Иницијативата ја предводи група помали земји, но постои можност најмалку две поголеми членки на ЕУ да им се придружат. Доколку дојде до блокада, тоа би бил редок случај земји со инаку различни ставови за пестицидите заеднички да го запрат предлогот што треба да ги поедностави европските правила во областа на безбедноста на храната и заштитата на растенијата.
Ова сигурно не е прв пат земјите-членки да не можат да се согласат за некои клучни одлуки во врска со континуираната употреба или забраната на одредени пестициди. Најпознат пример е спорот околу доделувањето лиценца за озлогласениот хербицид глифосат. Така, Европската Унија одлучи во 2023 година дека глифосатот ќе продолжи да се користи уште 10 години, откако земјите-членки не дадоа јасно мислење дали да го продолжат одобрението за негова употреба.
Поради застојот, Европската комисија објави дека ќе го обнови одобрението за глифосатот за 10 години, со нови услови- пишува Политика.
Продолжувањето или забраната бараше таканаречено квалификувано мнозинство од 15 земји, што претставуваат најмалку 65 проценти од населението на блокот.
18 земји-членки беа за продолжување, само Хрватска, Луксембург и Австрија гласаа против оваа одлука (заедно тие сочинуваат само околу три проценти од вкупното население на ЕУ), додека Белгија, Бугарија, Франција, Германија, Холандија и Малта (41,96 проценти од населението на ЕУ) се воздржаа.


