ВИДЕО | Пожари дивееја низ Хрватска: Четири авиони гасеа кај Шибеник, скоро 50 пожарникари кај Плата
Неколку големи пожари вчера попладнето и вечерта гореа во Далмација, но и различни делови од Хрватска, па пожарникари и авиони беа активирани за гаснење на огнените стихии, пренесува ХРТ.
Препорачано
Пожарот, кој избувна во Дубрава кај Шибеник, во близина на индустриската зона Поди, беше активен сè до ноќните часови.
„Огнот зафати околу 100 хектари трева, ниска вегетација и борова шума“, соопшти Жупанискиот противпожарен оперативен центар.
На терен беа ангажирани 72 пожарникари со 24 возила. Во гаснењето учествуваат и четири авиони-канадери.
Воедно, пожарникарите успеале да одбранат една куќа која била загрозена од огнот.
„Една куќа беше загрозена, но успеавме да ја одбраниме“, изјавија од противпожарната единица.
На островот Хвар, во местото Света Недела, шумски пожар зафатил околу десет хектари борова шума и делови од лозја. Во гаснењето учествувале околу 50 пожарникари со 15 возила, а од воздух исто така помагале и пет канадери.
Горeше шума и во близина на границата со Црна Гора, кај Плат. Според првичните информации пожарот бил во близина на далновод, а го гаснеле речиси 50 пожарникари.
„Цела ноќ дежураа за безбедноста на нашите жители“, изјавија од општината.
Заедно со пожарникари, во акцијата учествувале и доброволци, а многумина дежурале и во текот на целата ноќ, за да спречат евентуално активирање на огнот.
Освен што завчера невреме ја зафати Хрватска и прошири пожари, вчера повторно невреме стигна од Словенија. Силен ветер и дожд ги зафатија подрачјето на Хрватско Загорје и Загреб, но без поголеми штети.
Во Словенија, во околината на Птуј, ситуацијата беше нешто посериозна. Покрај обилниот дожд, паѓаше и град со големина на лешник.


