Уставните судии си изгласале зголемување на платите од 1 октомври
Претседателот на Уставниот суд и уставните судии на последната седница со мнозинство гласови си изгласале од 1 октомври да земаат повисоки плати. Во околности на непостоење на посебен Закон за Уставниот суд, судиите одлучиле да ги укинат измените на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во државата, а со кои беа намалени коефициентите за пресметка на платите на сите функционери.
Препорачано
Всушност судиите укинале делови од членот 14 од Законот со кој се регулираат платите на функционерите, кои се однесуваат само на претседателот на Уставниот суд, и дел од членот 15 кој се однесува на членовите на Судот, односно судиите во Уставен, па со укинувањето од 1 октомври платите на претседателот ќе се пресметуваат според измените на Законот донесени во 2024 година.
-Се укинуваат член 14 во делот „претседател на Уставниот суд на Република Македонија,“ и член 15 во делот „судија на Уставниот суд на Република Македонија,“ од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија. Деловите од одредбите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, престануваат да важат на 1 октомври 2026 година. По истекот на рокот од точката 2 на оваа одлука, а заради нејзино извршување, за пресметката на платата на претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија и судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе се применува Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија до уредувањето на ова прашање со закон, согласно со ставовите на Судот во оваа одлука – стои во одлуката на Судот објавена на 17 јуни.
Судиите оформиле предмет по сопствена иницијатива оформиле предмет на 4 февруари оваа година, кога и повеле постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбите од Законот кој ги регулира платите на функционерите. Решението иако било доставено до Владата и Собранието, тие не се произнеле.
– Ова решение беше доставено до Собранието и до Владата на Република Северна Македонија со барање да се произнесат по наводите содржани во истото. Во дадениот рок за произнесување, не беше доставен одговор од страна на истите. Воедно, со наведеното решение, а врз основа на член 36 став 2 од Актот на Уставниот суд, на Собранието на Република Северна Македонија му беше определен рок од 60 дена за измена и/или дополнување на Законот во кој се содржани оспорените делови, во согласност со ставовите на Судот изнесени во образложението на Решението. До истекот на определениот рок од 60 дена, од страна на Собранието не беше постапено согласно со ова решение – велат од Уставен.
За зголемувањето на платите тие се повикуваат на уставната поделба на власта на извршна, законодавна и судска, односно се повикуваат на својата независност и самостојност.
-Со цел обезбедување вистинска и ефективна независност на уставните судии, имајќи ја предвид уставната поставеност на Уставниот суд како единствен орган на Републиката којшто ја штити уставноста и законитоста, како и словото и намерата на уставотворецот, Судот смета дека е неприфатливо прашањето за нивните плати – како елемент нераскинливо поврзан со нивниот статус, да биде уредено со исти критериуми за определување на коефициентите за утврдување на платите, како и платите на другите носители на јавни функции, бидејќи таквиот пристап ја неутрализира уставната специфика и заштитната функција на нивниот статус.
Независноста на Судот не е декларативна, туку подразбира реални институционални гаранции, меѓу кои значајно место зазема материјалниот статус на уставните судии. Платата и начинот на нејзиното утврдување се составен дел од нивниот статус и при нивното уредување законодавецот е должен да ја има предвид целината на Уставот и начинот на кој уставотворецот го поставил Уставниот суд во уставноправниот поредок. Оттука, Уставниот суд може да ја исполнува својата улога само во услови кога неговата независност и самостојност и сè што може да влијае на истите, се целосно загарантирани. Ваквата уредена независност и самостојност на Уставниот суд не претставува цел сама по себе, туку неопходен услов за обезбедување на супрематијата на Уставот, за ефикасна заштита на основните слободи и права, како и гаранција на темелните вредности – владеењето на правото и поделбата на власта – пишува во дел од образложението.
Според грубите пресметки уставните судии од 1 октомври ќе земаат повисоки плати за најмалку 200 евра. Платите на претседателот и на членовите ќе се пресметуваат според старите коефициенти донесени со измените од 2024 година, односно за пресметка на платата на претседателот на Судот ќе се зема коефициентот 3.08, а за членовите на Уставен 2,85 проценти.
Во членот 14, кој го опфаќа и претседателот на Уставен суд, коефициентот беше намален од 3,08 на 2,81. Во членот 15, кој се однесува на судиите во Уставниот суд, оваа ставка односно коефициент се намали од 2,85 на 2,60. Инаку, за пресметка на платата на избраните и именуваните лица во Република Северна Македонија се зема просечната плата помножена со коефициентот.


