Директорот на Детска клиника Реџеп Мемеди го затвори одделот за имунологија
Детската Клиника почна да ги бере плодовите од тоа што нема персонал. Вработени во Детската Клиника, утринава во „Слободен печат“ дојавија дека директорот на Клиниката доктор Реџеп Мемеди во петокот го затворил одделот за имунологија на клиниката, кој постоеше со децении. Тројцата доктори и осумте сестри кои работеа таму, ги распределил на други оддели каде им е дадена насока да примаат пациенти со старите истории, ама да ги сместуваат во лежечки капацитети од само 4 кревети, наместо досегашните 10 што постоеле на одделот за имунологија. Исто така, тврдат тие, залепен е лист хартија на кој пишува „одделот не работи“.
Препорачано
Директорот пак за „Слободен печат“ тврди дека одделот не е затворен, туку направил реорганизација на кадарот зашто нема ниту еден вработен со договор за дело и дека тој како одговорен според Статутот на Клиниката за организација на работата, сметал оти на ваков начин ќе има можност да се спроведат дежурствата.
-Тоа е нешто мораше да се направи заради функционирање, не е затворен одделот, туку ова е привремена мерка за да може да се организира работата. Според статутот јас сум одговорен да има непречено функционирање и дежурства, па со главната сестра моравме да изнајдеме решение. Реорганизација правиме и тоа е обврска, додека имавме персонал беше поинаку, сега немаме ниеден вработен со договор на дело. Ако нема луѓе да покриваат дежурства, јас сум одговорен за тоа и мораше да се направи реорганизација, ни рече доктор Мемеди.
Но, нашите извори од клиниката тврдат нешто сосема спротивно.
Сестрите велат дека имале функционален распоред за цело лето на одделот за имунологија што вчера престана да постои, ама сепак биле пренесени по други оддели кои функционирале со по 2 сестри. Според нашите извори ниеден раководител на оддел не му дал согласност на директорот да го затвори одделот за имунологија, но сепак тој тоа го направил. „Слободен печат“ постави прашање во Министерството за здравство дали тие дале одобрение за затворање на одделот, а на тоа оттаму одговорија дека „одделот не е затворен туку станува збор за времена реорганизација на работата која се спроведува само во летниот период“.
-Не реши да затвори оддели кај што има само по 2 сестри, туку го растури овој функционален оддел и го „даде“ кадарот на другите оддели, ни рече нашиот извор вработен на одделот.
На одделот за имунологија се примаа деца со нејасна долготрајна температура, со имуноглобулини, се третираа подолг временски период, имаше соби за изолација. Сега тие деца ќе бидат хоспитализирани на пулмологија во 1 соба со 4 кревети.
Пред две недели лица вработени со договор на дело протестираа зашто Министерството за финансии не им даде согласност да продолжат да работат на Детска Клиника. Тогаш директорот рече дека овие лица се клучни и неопходни за работењето на болницата.


