ДЗР: ПИОМ не може да ги исплаќа пензиите без помош од државата, 1,6 работници хранат еден пензионер
На крајот од 2024 година биле евидентирани 556.294 осигуреници и 343.048 пензионери, што значи дека на еден пензионер доаѓаат само 1,63 осигуреници. Во 2023 година овој сооднос бил 1 спрема 1,70, што укажува на растечки притисок врз долгорочната одржливост на пензискиот фонд.
Пензискиот систем во државата и натаму останува силно зависен од буџетски средства и не е во состојба самостојно да ги покрива обврските за исплата на пензии – заклучил Државниот завод за ревизија во извештајот за 2024 година. Поради утврдените слабости и неправилности, ревизорите изразиле неповолно мислење за финансиските извештаи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) за 2024 година, како и за усогласеноста на неговото работење со законите и прописите.
Препорачано
Според ревизорскиот извештај, приходите од придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во 2024 година изнесувале 71,4 милијарди денари, што е раст од 14 проценти во споредба со претходната година. Сепак, овие средства не биле доволни за покривање на расходите за пензии, кои достигнале 90,2 милијарди денари.
Разликата меѓу приходите и расходите повторно била покриена со пари од државниот буџет. Во текот на 2024 година во ПИОМ биле префрлени 42,5 милијарди денари буџетски средства, кои учествуваат со 36,71 проценти во вкупните приходи на Фондот. Ревизорите оценуваат дека ова е јасен показател оти пензискиот систем останува структурно зависен од државна финансиска поддршка.
Дополнителна загриженост предизвикува и влошувањето на односот меѓу осигурениците и пензионерите. На крајот од 2024 година биле евидентирани 556.294 осигуреници и 343.048 пензионери, што значи дека на еден пензионер доаѓаат само 1,63 осигуреници. Во 2023 година овој сооднос бил 1 спрема 1,70, што укажува на растечки притисок врз долгорочната одржливост на пензискиот фонд.
На сметките на осигурениците нераспределени над 40 милиони евра?!
Ревизорите констатирале и сериозни проблеми во распределбата на придонесите кон вториот пензиски столб. Иако законски средствата треба да се префрлат во рок од пет работни дена, ПИОМ во текот на 2024 година ги префрлал со просечно доцнење од околу два месеца. До крајот на февруари 2026 година нераспределените придонеси достигнале речиси 2,6 милијарди денари., или 42,3 милиони евра. Со ова директно се оштетуваат осигурениците , затоа што тие пари не се на нивната лична сметка, не се инвестираат и не носат принос
Уште посериозен е наодот поврзан со придонесите за здравствено осигурување на пензионерите. ПИОМ не ги подмирувал навреме законските обврски кон Фондот за здравствено осигурување, а до крајот на февруари 2026 година доцнењето достигнало осум месеци.
Неплатените обврски за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесуваат 8,4 милијарди денари или околу 136 милиони евра. Ревизорите предупредуваат дека иако пензионерите непречено ги користат здравствените услуги, ваквата состојба создава сериозен притисок врз ликвидноста на Фондот за здравствено осигурување.
Ревизорите утврдиле дека во повеќе подрачни единици постојат голем број заостанати и нерешени предмети од претходните години, несоодветна распределба на работните обврски, недостиг на вработени и лоши услови за работа.
Дополнително, пензиските предмети и документацијата во голем дел од подрачните единици се чуваат во несоодветни услови, со ризик од оштетување, уништување или губење на архивската документација.
И по смртта – пензија
Во процесот на исплата на пензиите ревизорите констатирале дека голем дел од процедурите се стари повеќе од десет години и не се усогласени со сегашниот електронски систем. Според ревизорите постои ризик пензии да продолжат да се исплаќаат и по престанок на законското право, и покрај воспоставените електронски врски со институциите кои доставуваат податоци за починати лица, школување или други основи за престанок на правото.
Констатирани се и сериозни слабости во управувањето со имотот на Фондот. ПИОМ нема целосна сметководствена евиденција за движен и недвижен имот стекнат преку стечајни постапки во вредност од над 293 милиони денари, ниту пак целосна евиденција за градежно земјиште вредно околу 244 милиони денари.
Ревизорите утврдиле и слабости при издавањето на деловниот простор под закуп, каде дел од договорите не биле навремено заверени кај нотар, а во поединечни случаи биле фактурирани закупнини и по истекот на договорите.
Дополнителни проблеми се констатирани и во управувањето со пензионерските домови и станови, каде правилникот за сместување не бил ажуриран речиси една деценија, а биле применувани различни критериуми за пресметка на закупнината.
Државниот ревизор со години наназад излегува со извештаи со многубројни забелешки за Фондот за ПИОМ, но и за одржливоста на пензискиот систем.


