Белгија издаде налог за апсење на поранешен грчки еврокомесар
Поранешниот европски комесар, Димитрис Аврамопулос, е обвинет дека примал пари и подароци во замена за застапување на интересите на Катар во Европскиот парламент.
Белгиското правосудство издаде налог за апсење на поранешниот европски комесар Димитрис Аврамопулос како дел од истрагата за скандалот „Катаргејт“, објави „Еуроњуз“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Т.н. истрага „Катаргејт“ се фокусира на наводи дека Катар и Мароко се обиделе да влијаат врз одлучувањето во Европскиот парламент преку исплати и преку подароци на актуелни и поранешни пратеници. Двете земји ги негираат обвинувањата.
Белгиските власти бараат укинување на имунитетот на Аврамопулос за тој да може да биде испрашан како дел од истрагата.
Аврамопулос беше европски комесар за миграција од 2014 до 2019 година, во мандатот на тогашниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. Тој сега е член на грчкиот парламент од конзервативната партија Нова демократија.
Претходно бил член на почесниот одбор на организацијата „Фајт Импјунити“, невладина организација основана од поранешниот европратеник Антонио Панцери, клучна фигура во корупцискиот скандал „Катаргејт“. Истрагата доведе и до притворање на поранешната грчка европратеничка Ева Каили.
Според белгиските обвинители, Аврамопулос добил пари од она што тие го опишуваат како „криминална мрежа“. Поранешниот комесар ги негира сите обвинувања, наведувајќи дека сите исплати што ги добил од организацијата биле пријавени во неговите официјални декларации за имот и биле пријавени пред грчките даночни власти.
Белгиските власти ги информирале своите грчки колеги. Според пропишаната постапка, случајот ќе биде пренесен од Апелацискиот суд во Атина до Врховното јавно обвинителство и, преку Министерството за правда, до грчкиот парламент.
Меѓународната конфедерација на синдикати го суспендираше генералниот секретар поради „Катаргејт”


