Попкаст со Мартин Богатиноски ЕП19 | Мистериозниот пат до признавање на МПЦ-ОА, Андонов открива детали од тајните средби
Процесот што доведе до надминување на повеќедеценискиот црковен спор и до признавањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) не бил само црковно прашање, туку сложена комбинација од државни интереси, политика, црковна дипломатија и внимателно водени разговори зад затворени врати.
Препорачано
Ова го откри универзитетскиот професор Оливер Андонов во гостувањето во „Попкаст со Мартин Богатиноски“, зборувајќи за дел од процесите што, според него, биле клучни за историското разрешување на статусот на МПЦ-ОА.
Андонов лично присуствувал на голем дел од тајните состаноци, а во разговорот посочува дека состојбите во Црквата, за жал, често се злоупотребуваат за политички цели.
Според него, доколку јавно се признае улогата на одредени личности во процесот, тогаш неминовно ќе се отвори и прашањето за историските заслуги на други актери во минатото.
„Доколку некој јавно признае дека Оливер Андонов, владиката Петар и Зоран Ефремов, учествувале во една работа која е историска за македонскиот народ и за македонската држава, тогаш ќе треба да се направи паралела дали некој друг во минатото нешто направил историски за оваа држава“, вели Андонов.
На прашањето кој бил најзаслужен за решавањето на проблемот – самата Црква, српскиот патријарх Порфириј или безбедносните служби од двете држави – Андонов одговара дека решението не може да се припише само на еден фактор.
„Сѐ се тоа комбинации на државни интереси, политика и на црква. Едниот момент ако изостанува, немате решение“, вели тој.
Преговори што се воделе далеку од очите на јавноста
Еден од најважните делови од разговорот се однесува на тајноста на преговорите. Андонов објаснува дека разговорите се воделе дискретно затоа што, како што вели, постоеле различни струи и недоверба во повеќе правци.
Според него, проблеми и резерви имало и во Српската православна црква (СПЦ), а информациите не биле познати ниту за сите што биле директно засегнати од процесот.
„За жал, во секоја црква има разни струи. Не веруваа, пред сѐ имаше проблем и во СПЦ. Дури и луѓето од тогашната ПОА не знаеја за што се разговара“, истакнува Андонов.
Тој додава дека во одреден момент кај македонската страна се отворила дилемата дали воопшто да се тргне во процесот. Состојбата ја опишува како момент во кој државата и Црквата барале излез од долготрајна неизвесност.
„Имавме преговори со Цариград, па мајки-тетки-стринки баравме по околинава и бевме во доста изгубена состојба. И сега одеднаш ни се отвора патот, автопатот, по кој треба брзо да стигнеме. И тие ни викаат: ‘Дај, побрзајте’“, вели Андонов.
Тензии, притисоци и нервоза во клучните моменти
Според Андонов, процесот не бил мирен ниту едноставен. Напротив, клучните моменти биле проследени со голема нервоза, притисоци и тензична атмосфера. Особено важни, како што посочува, биле гаранциите што требало да се обезбедат и да се разберат од сите страни.
„Сфаќајќи ја поентата на гаранциите, успеавме тоа да го решиме во една тензична состојба, со една нервоза. Некој се доведе во прединфарктна состојба, некои беа ставени под притисок“, вели тој.
Андонов раскажува и за атмосферата по една од средбите, кога, според неговите зборови, односот кон македонската страна веќе бил видливо променет.
„Си разменија подароци, се изгушкаа, се испоздравија, со голема почит, што би рекол дедо Петар на крајот: ‘Ќути, добро поминавме, првпат не нѐ нарекуваа расколници’“, вели Андонов.
Тој открива и момент што, според него, бил силен сигнал за македонската страна. Во еден период, како што раскажува, му било кажано дека сѐ што ќе побара македонската страна – ќе биде дадено.
„Во тој период ми кажа: ‘Сѐ што ќе побарате, сѐ ќе ви дадеме’. И јас немав коментар веќе на таков отворен сигнал. Јас едвај чекав да излезе дедо Петар за да му го кажам тоа на паузата, за да знае дека може да турка до крајни граници“, вели Андонов.
Вмешувања, куршлус и средба на автопат
Во разговорот, Андонов зборува и за моменти кога процесот можел да се искомплицира. Тој тврди дека од врвот на МПЦ некој го информирал Цариград за одредени случувања, но не сакаше да открие за кого станува збор.
„Се најде некој паметен, јас знам кој е ама нема да го кажам сега, од страна на МПЦ да го информира Цариград за таа работа“, вели Андонов, додавајќи дека станувало збор за човек „од врвот на МПЦ“.
Дополнителен проблем, според него, се појавил и на една од средбите, кога српскиот владика Иринеј Буловиќ излегол со став дека македонската страна треба да се договара и со Грчката православна црква (ГПЦ). Андонов оценува дека со тоа работите се измешале.
„На средбата се случи куршлус. По некои други линии, претпоставувам од Грција, владиката Иринеј Буловиќ излезе со еден став таму дека треба ние да се договараме и со Грчката црква, и ги измеша работите“, вели тој.
Еден од најсликовитите моменти во неговото сведоштво е консултацијата што, според него, се случила буквално на автопат, по преминувањето на границата.
„Како што се враќаше владиката Тимотеј од Белград, ние одевме, па на договорено место откако ја поминавме границата, застанавме на српска страна и буквално на автопат се одржа една кратка консултативна средба помеѓу владиците наши“, раскажува Андонов.
Од неговото сведоштво произлегува дека процесот на признавање на МПЦ-ОА бил далеку посложен од официјалните соопштенија и јавните пораки што во тоа време стигнуваа до јавноста.
Според Андонов, решението било можно само затоа што во одреден момент се совпаднале државниот интерес, политичката волја и црковната дипломатија.
Токму таа комбинација, вели тој, го отворила патот кон решение што со децении се чекаше во македонското општество и во православниот свет.


