фото: твитер

ВИДЕО | Поминаа 40 години од „Божјата рака“ на Марадона

„Тоа не бев јас, тоа беше Божјата рака“, е легендарната изјава на Диего Армандо Марадона по четвртфиналниот дуел меѓу Аргентина и Англија на Светското првенство во Мексико 1986 година – натпревар кој засекогаш остана запишан во историјата на фудбалот.

На преполната „Ацтека“, пред десетици илјади гледачи, Марадона за само четири минути испиша една од најневеројатните приказни што некогаш ги видела светската фудбалска сцена. На денешен ден, пред четири децении, аргентинскиот гениј ги постигна двата најпознати гола во историјата на мундијалите – едниот најконтроверзен, другиот најубав.

Во 51. минута, нискиот по раст Марадона влезе во воздушен дуел со англискиот голман Питер Шилтон. Иако изгледаше како да го натскокал далеку повисокиот чувар на мрежата, снимките покажаа дека Аргентинецот со левата рака ја насочил топката во голот. Судијата не ја забележа неправилноста, погодокот беше признат и Аргентина поведе со 1:0.

Англиските фудбалери жестоко протестираа, но без успех. Подоцна самиот Марадона ќе го овековечи тој момент со изјавата дека голот бил постигнат „малку со главата на Марадона, а малку со Божјата рака“.

ВИДЕО | Мундијалски вести: Фијаско на Турција, Белгија игра под секое ниво, продолжува бајката на Зеленортски Острови

Само четири минути подоцна следуваше ремек-дело кое ја избриша секоја дилема за неговата фудбалска величина. Тргнувајќи од сопствената половина, Марадона ја поведе топката во незапирлив слалом, мина покрај петмина англиски фудбалери, го измами и Шилтон и ја испрати топката во мрежата за 2:0.

Тој погодок подоцна беше прогласен за „Гол на векот“ од страна на ФИФА и останува симбол на индивидуалната брилијантност во светскиот фудбал.

Англија до крајот успеа само да намали на 2:1, а Аргентина се пласираше во полуфиналето. Тимот предводен од Марадона потоа стигна до самиот врв, совладувајќи ја Западна Германија со 3:2 во големото финале и освојувајќи ја светската титула.

Поминаа децении, но приказната за „Божјата рака“ и „Голот на векот“ сè уште се раскажува. Тоа беа четири минути во кои Диего Марадона истовремено стана најконтроверзниот и најгенијалниот фудбалер што некогаш зачекорил на теренот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот