Македонија голта ново разочарување на патот кон ЕУ

Веста од Брисел дека Украина и Молдавија добија почеток на преговори ја буди старата македонска горчина: земјава со децении прави компромиси, но сè уште не може да го направи следниот чекор. Последицата може да биде нов пад на довербата во европскиот процес, поголем отпор кон уставните измени и растечко чувство дека правилата не важат исто за сите.

Европската Унија направи нов чекор во проширувањето кон Исток. Украина и Молдавија го отворија првиот преговарачки кластер, таканаречениот кластер „Фундаментални вредности“, со што нивниот европски пат влезе во посериозна и пооперативна фаза.

За Киев и за Кишињев, тоа е политичка потврда дека нивната иднина се гледа во Унијата. За Македонија, пак, истата вест повторно го отвора прашањето што тивко стои зад секоја европска порака испратена кон Скопје: колку долго може да се одржува довербата во процес што формално е жив, а политички стои во место?

Македонија има кандидатски статус од 2005 година. Во меѓувреме го смени уставното име, влезе во НАТО, помина низ неколку политички кризи, доби прва меѓувладина конференција со ЕУ и го заврши скринингот. Но, отворањето на првиот кластер останува блокирано поради условот за уставни измени, односно внесувањето на Бугарите во Преамбулата.

Токму тука се создава просторот за разочараност, па граѓаните, оправдано или не, почнуваат сè потешко да веруваат дека процесот зависи само од реформите, институциите и од исполнувањето на критериумите.

Недовербата е видлива

За Македонија, најголемиот ризик не е самото напредување на Украина и на Молдавија. Ризикот е во споредбата. Земји што аплицираа многу подоцна веќе добиваат политичка динамика, додека Македонија, иако формално преговара, не може да го отвори првиот кластер. Таа разлика станува материјал за домашни политички наративи, особено кај политичките партии и кај групите што тврдат дека европскиот процес е неправеден, условен и без гаранции.

Во таква атмосфера, евроскептицизмот може да расте во неколку насоки. Прво, како недоверба кон Брисел. Второ, како дополнителен отпор кон уставните измени. Трето, како уверување дека Македонија треба да бара алтернативни надворешнополитички опции. И четврто, како општа апатија – можеби најопасната форма, која води кон целосно откажување од европската идеја.

Сепак, бројките покажуваат дека европската ориентација во Македонија не е исцрпена. Поддршката за членство останува висока, иако недовербата кон процесот е видлива. Тоа значи дека кај граѓаните сè уште постои разлика меѓу ЕУ како цел и ЕУ како преговарачки процес.

Од друга страна, никако не смее да се занемари уште еден момент – опасноста од тоа граѓаните и понатаму да го посакуваат членството на земјава во ЕУ, но истовремено да не веруваат дека тоа членство е реално достижно.

Тоа е посложен политички проблем од класичен евроскептицизам. Не станува збор само за прашањето „за“ или „против“ ЕУ, туку за прашањето дали Унијата се доживува како фер арбитер.

Национална цел

Универзитетскиот професор Александар Спасеновски во разговор за „Слободен печат“ вели дека отворањето на преговорите на ЕУ со Украина и со Молдавија несомнено ќе предизвика мешани чувства кај македонските граѓани.

Од една страна, посочува тој, тоа е позитивен сигнал дека проширувањето продолжува да биде жива политичка тема во Европа. А од друга страна, како што додава, кај нас природно се јавува чувство на неправда, затоа што Македонија со децении вложуваше политички капитал, правеше тешки компромиси и остана на европскиот пат, но сè уште го нема отворено првиот преговарачки кластер.

– Мислам дека тоа може да ја зголеми разочараноста, но не мора нужно да го зголеми евроскептицизмот во суштинска смисла. Македонските граѓани, и покрај сите неправди, сè уште прават разлика помеѓу ЕУ како систем на вредности, развој и модернизација и конкретните политички блокади со кои се соочува државата. Затоа поддршката за членство во ЕУ останува висока и, во последните години, стабилизирана околу 70 проценти. Тоа е исклучително висок процент ако се има предвид низ што сè помина Македонија на европскиот пат. Европската интеграција на Македонија е национална цел – објаснува Спасеновски.

Добитна варијанта

Тој забележува дека во променетата геополитичка реалност, особено по 2022 година, вредноста на меѓународните сојузи како НАТО и ЕУ станува уште поголема за малите нации.

– Малите држави не можат да си дозволат луксуз да останат сами во свет на големи кризи, војни, енергетски потреси, економски неизвесности и засилени геополитички поделби. Токму затоа, прозорците на оптимизам што се отвораат во процесот на проширување треба да се искористат. Да се изразам малку послободно, со „гејмерски“ речник: кога играта ќе отвори можност полесно да се премине на повисоко ниво, паметно е таа можност да не се пропушти. Но, Македонија е во специфична ситуација. Предизвикот е како да се зачува она што е наш идентитетски код, а истовремено да се продолжи да се чекори кон Брисел. Во политиката ретко постојат чисто црни и чисто бели решенија – вели професорот.

Според него, најважно е да се избере најсветлата, приближно белата, добитната варијанта за граѓаните.

– Тоа значи решение што ќе ги антиципира стравувањата на граѓаните, но и ќе ја отвори европската перспектива. Затоа, отворањето на преговорите со Украина и со Молдавија најдобро е да го читаме како потсетник дека процесот на проширување повторно добива геополитичка тежина. Македонија треба да остане активна, внимателна и рационална – објаснува Спасеновски.

Реакции на повеќе начини

Универзитетскиот професор Ненад Марковиќ за „Слободен печат“ вели дека започнувањето на преговорите на Молдавија и на Украина со ЕУ има повеќе аспекти.

– Од една страна, тоа е јасна политичка одлука на ЕУ да се обиде да го неутрализира руското влијание со покажување јасен интерес за овие две земји и нивна постепена интеграција. Тоа само по себе не значи дека Молдавија и Украина брзо ќе бидат примени во ЕУ, туку дека се дава јасен сигнал дека тоа е пожелен исход на долг рок. Се разбира дека пред двете држави е долг пат, особено пред Украина, чиј политички приоритет е сепак запирање на воениот конфликт. Од друга страна, македонската јавност веројатно реагира на два сосема спротивни начини – посочува Марковиќ.

Според професорот, оној политички кампус што е трајно разочаран во евроинтеграциските процеси и неговите политички експоненти веројатно ќе се обиде да го игнорира и релативизира овој факт.

– Аргументацијата ќе се гради на обидот да се создаде перцепција дека отпочнувањето преговорите не значи ништо и дека не резултира со брзо членство. Оној дел на јавноста што сѐ уште се надева на прием во ЕУ и поместување на работите од мртва точка, ова го доживува како ултимативен пораз и како големо понижување. Две земји што не беа ни приближно далеку во процесот како Македонија, ги отпочнуваат преговорите пред неа. Дел од јавноста веројатно ќе ја обвини и самата ЕУ за цинизам, што е точно, но за жал бескорисно како констатација – објаснува Марковиќ.

Да мрднеме од мртва точка

Тоа што е различно во однос на изминатиот период кога разочараноста кај македонската јавност беше евидентна, додава професорот, е тоа што кај провладиниот кампус на гласачи има значително поместување на расположението.

– Последните испитувања на јавното мислење покажуваат дека меѓу една четвртина и една третина од провладините гласачи сакаат процесот на евроинтеграции да се помести напред и да се започнат преговорите. Ова не беше случај до скоро, иако вреди да се напомене дека ова расположение сѐ уште не е мнозинско кај провладините гласачи, но не треба да се игнорира, особено ако продолжи да се зголемува – вели Марковиќ.

Геополитичките збиднувања во светот, додава тој, доведоа до тоа ЕУ сериозно да го оживее процесот на проширување, што не е момент што треба да се искористи.

– За жал, како и во 2006 година, Македонија се наоѓа во потполн асинхронитет со геополитичките случувања, што можеби е по наша вина, но последиците секако ќе бидат наши. Напори да се помести процесот од мртва точка мора да се направат, како не би останале само фуснота во целиот овој процес на потенцијално проширување, кој по неговото затворање можеби нема да се отвори многу долго, веројатно со децении – порачува Марковиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот