Никола Кукунеш, директор на НУМ „Струшки вечери на поезијата“

Разговор со Никола Кукунеш за СВП 2026: Се надеваме дека новиот термин ќе има позитивен импулс

Со традиционалното засадување дрво во Паркот на поезијата од страна на годинашниот добитник на наградата „Златен венец“ на СВП, Анеке Брасинга од Холандија, на 24 јуни ќе почнат 65. „Струшки вечери на поезијата“.

Годинава „Струшки вечери на поезијата“ ќе се одржат под фестивалското мото „Каде што живее поезијата“, кое е сообразено и со целокупниот визуелен концепт изготвен од креативниот тим на СВП, преку кој се посочува на кревкоста на традицијата и културата, но и за нејзината особеност и трајноста на зборот. За јазикот како куќа на поезијата, за внатрешното и светогледите, за идентитетите и разноликоста.

Сето ова е одразено и низ целокупната програма на „Струшки вечери на поезијата“, кои годинава одбележуваат 65 години од своето постоење. Официјалното отворање на поетскиот фестивал ќе биде вечерта на 24 јуни во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, со почеток во 20:30 часот. Пред почетокот на фестивалот деталите ни ги открива Никола Кукунеш, директор на НУМ „Струшки вечери на поезијата“.

На 24 јуни ќе почне 65-тото издание на „Струшки вечери на поезијата“. До каде се подготовките на фестивалот во организациска смисла?

– Подготовките за 65-то издание на „Струшки вечери на поезијата“ се во завршна фаза, односно се финализираат деталите за подготвени да ги пречекаме гостите кои ни доаѓаат од речиси сите страни на светот. Во фаза на печатење се 12 наслови, резултат на издавачката дејност на СВП за 2026 година.

Традиционално се печати ексклузивно издание на „Одбрани песни“ од Анеке Брасинга на македонски, холандски и англиски јазик; поетската книга „Нови познати фрази“ на добитникот на наградата „Мостови на Струга“ – Даниел Хајндс; превод на англиски јазик на „Рајсфершлус“ – книга на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ Јулијана Величковска; во едицијата „Плејади“ испечатени се книгите на: Михаил Кригер, „Неред“ од Питер Мекеј, „Безначајни песни“ од Шји Чуан и „Лична антологија“ од Луис Гарсија Монтеро; поетската платформа „Версополис“ ќе биде претставена со книги на две поетски имиња: Ален Бешиќ и Гаја Џованоли; „Венценосци – разговори на брегот“ од Диме Ратајкоски; „Камен и земја – Антологија на македонската современа поезија“ приредена од Иван Џепароски и „Кој е кој“ – Поезија од пет континенти.

Плакат за 65. „Струшки вечери на поезијата“

Дали новиот термин ќе донесе и одредени промени во однос на реализацијата и програмата на целата манифестација?

– На 24 јуни 1861 година, во Самобор – Хрватска, е отпечатен „Зборникот“ на Браќата Миладиновци. Тоа значи дека денот на отворање на 65-то издание е, всушност, јубилеј со кој одбележуваме 165 години од објавувањето на едно од капиталните дела во македонската литература и двигател на преродбата во нашата национална свест.

На кој начин градот и граѓаните на Струга би се вклучиле во фестивалските активности?

– Струга и стружани имаат специфичен однос кон манифестацијата, така што секој еден чувствува некаква обврска сѐ да биде во најдобар ред, а гостите да го почувствуваат нивното гостопримството. Тоа значи дека секој што на каков било начин има контакт со поетите или со манифестацијата се обидува да остави што е можно подобар впечаток.

Кои би биле очекуваните резултати од новиот термин на одржување на фестивалот?

– Како организатори, се надеваме дека новиот термин ќе има позитивен импулс, најнапред во поглед на посетеност на настаните, на можноста да каниме и носиме врвни поети и професионални посетители, но и во поглед на рационализација на трошоците. Покрај спомнатите поети од Холандија и Велика Британија, очекуваме поети од Австралија, Кина, Шпанија, Монголија, Германија, Црна Гора, Мексико, Албанија, Хрватска, Бугарија, Романија, Турција, Грција, Италија, Србија и Словенија, значи околу 30 поети од 18 држави во светот.

Со колкав кадровски и технички капацитет НУМ „Струшки вечери на поезијата“ влегува во реализацијата на фестивалот?

– Што се однесува до кадровската екипираност, за успешна реализација на зацртаните задачи како и секоја година така и годинава, воочи фестивалот дополнително се ангажираат лица кои помагаат во заокружување на програмските цели. Така е во организацискиот, така е и во техничко-сценскиот дел. Одговор на дел од претходното прашање лежи и тука, во смисла дека најголем дел од ангажираните лица се луѓе од Струга или од места што гравитираат околу неа.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 336, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот