Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Шпионски софтвер од Бугарија завршувал кај разузнавачки служби и полиции, тврди „Хјуман рајтс воч“

Организацијата „Хјуман рајтс воч“ предупредува дека ЕУ не смее рутински да одобрува извоз на технологии што можат да се користат за репресија бидејќи сегашните контроли не спречуваат тие да завршат кај власти што ги следат новинарите, активистите и опозицијата.

„Хјуман рајтс воч“ ја обвини Бугарија дека одобрувала извоз на технологии за надзор во држави во кои постојат сериозни загрижености за човековите права, отворајќи нови прашања за ефикасноста на европската контрола врз извозот на опрема со двојна намена.

Организацијата се повикува на анализа на лиценците издадени од бугарската Меѓуресорска комисија за извозна контрола и неширење оружје за масовно уништување. Според извештајот, од 2018 до 2023 година комисијата одобрувала извозни дозволи за производи поврзани со компанијата „Срклс“, која денес е регистрирана во Бугарија.

Станува збор за системи за следење телекомуникации, алатки за мониторинг на мобилни комуникации и друг софтвер за надзор.

Како дестинации се наведуваат Азербејџан, Бахреин, Бразил, Доминиканска Република, Ел Салвадор, Гана, Гватемала, Израел, Јордан, Малезија, Мексико, Мароко, Панама, Србија и Обединетите Арапски Емирати. Крајните корисници биле разузнавачки и воени служби, полициски институции, владини тела и приватни компании.

„Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) нагласува дека документите потврдуваат одобренија за извоз, а не нужно и конечна испорака на опремата. Сепак, организацијата смета дека самото издавање вакви дозволи покажува слабости во проценката на ризикот, особено според правилата на Европската Унија за извоз на чувствителни технологии.

„Шпионски талог“ ги ширел сомнежите за аферата за шпионажа, а Абази создавал паника, вели Мицкоски

Алатки за шпионирање новинари и политичари

Според организацијата, државите од ЕУ не треба автоматски да одобруваат извоз на алатки што можат да се користат за репресија. Во извештајот се наведува дека постојните механизми за надзор не се доволни за да спречат чувствителна технологија да стигне до земји каде што може да биде злоупотребена против новинари, активисти, опозициски политичари или граѓански организации.

„Срклс“ првично потекнува од Кипар, а потоа ги префрлила операциите во Бугарија. Компанијата се поврзува со Тал Дилијан, кој е поврзан и со „Интелекса“, фирма што во Европа беше спомнувана во истраги за шпионски софтвер.

Дилијан е под американски санкции поради развој и дистрибуција на технологии за надзор, а претходно бил осуден во Грција во случај поврзан со шпионски софтвер против новинари и политички фигури, одлука на која се жалел.

Следење мобилни телефони

ХРВ наведува дека дел од системите на „Срклс“ користат слабости во глобалната телекомуникациска инфраструктура, вклучително и пропусти што овозможуваат следење комуникации и локации на корисници на мобилни телефони. Во лиценците се спомнува и соработка со израелски компании како „Кју сајбер технолоџис“ и „НСО груп“, познати по напредни алатки за шпионирање.

Бугарските власти одговориле дека не се дозволува извоз што ги прекршува националните или европските обврски, вклучително и обврските за почитување на човековите права.

Министерството тврди дека секоја апликација се разгледува според утврдени процедури и документација за крајниот корисник.

Европската комисија, пак, посочила дека лиценците за извоз на технологии со двојна намена се во надлежност на земјите членки.

ХРВ го отфрла тој став и тврди дека и Бугарија и Европската комисија имаат јасна законска одговорност да спречат извоз на технологии што можат да се користат за репресија.

Шпионски желки и риби во кинеските води — Пекинг тврди дека во морињата се бие „тајна битка“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот