Фото: СП архива

Шпионски желки и риби во кинеските води — Пекинг тврди дека во морињата се бие „тајна битка“

Кинеското Министерство за државна безбедност тврди дека странски шпионски и разузнавачки агенции користат иновативни нови методи за надзор на кинеските води, меѓу кои и испраќање „шпионски“ животни опремени со сензори, објави „Гардијан“.

Во објава на кинеската платформа Вичет денеска, министерството предупреди дека во морињата околу Кина тивко се води „невидлива тајна војна“, додека странски агенции собираат чувствителни податоци „преку различни нови шпионски уреди“ за да изработат подводни мапи кои претставуваат „сериозна закана за нашата национална безбедност“.

Меѓу техниките за шпионирање што се користат, како што тврди министерството, се и големи морски животни, меѓу кои „шпионски желки“ и „шпионски риби“, кои биле пронајдени „со прикачени сензори“ додека пливале во кинеските води.

„Животните во реално време собирале чувствителни податоци за морската средина, како температура на водата, соленост и океански струи, и ги пренесувале во странство преку сателит“, се наведува во соопштението.

Министерството не соопшти конкретни детали за тоа каде биле пронајдени животните, ниту кој ги опремил со сензори.

Делфините на Русија

Обвинувањата дека морски животни се користат за шпионирање не се нови. Во 2023 година, британското разузнавање соопшти дека Русија ја засилува безбедноста во својата база на Црноморската флота во Севастопол — пристаниште на окупираниот украински полуостров Крим — со распоредување обучени делфини.

Во извештајот на британската одбранбена разузнавачка служба се наведуваше дека Русија обучила делфини од видот афалина, кои биле чувани во пловечки кафези во пристаништето, за да „спречуваат непријателски нуркачи“.

Кинеското Министерство за државна безбедност соопшти и дека пронашло пловки „поставени од странски институт за морски истражувања“, кои биле „опремени со пакет метеоролошки сензори“ што им овозможувал во реално време да ги следат „акустичните карактеристики на кинеските подморници“.

Русија обучува делфини во поморска база во Црното Море

Едрилица што се полни од брановите и од Сонцето

Министерството наведе и нов тип едрилица, напојувана од движењето на брановите и од сончева енергија, за која тврди дека ја распоредиле странски актери за да пренесува „поморски еколошки податоци од воено значење и информации за активностите на бродовите“.

Кина редовно изнесува тврдења за шпионски активности во блиските води, вклучително и во Јужното Кинеско Море, Источното Кинеско Море и во Тајванскиот Теснец, кои се меѓу најчувствителните и најспорните воени зони во светот.

Во 2024 година, Пекинг соопшти дека идентификувал „светилници“ скриени на морското дно, кои можеле да го насочуваат движењето на странски подморници и „однапред да го подготват бојното поле“.

Според извештаи во кинеските медиуми, владата наводно им нуди финансиски награди на рибарите, во износ од 6.400 до 63.800 евра, за откривање шпионски уреди во кинеските води.

Поранешен американски морнар му продал воени информации на кинески шпион, вели дека „му се поматил умот и мислел оти се пријатели“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот