Пари - Фото: Freepik

Нема веќе брзи кредити на рака: се прават законски измени

Се работи на Законски измени кои предвидуваат воведување на задолжителни внатрешни тела во секое финансиско друштво, како одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик, надзорен одбор и слично.

Министерството за финансии работи на измени и дополнувања на Законот за финансиски друштва, со цел зајакнување на регулаторната рамка, поголема заштита на граѓаните и унапредување на транспарентноста и стабилноста во работењето на овие субјекти, соопшти Министерството за финансии.

„Се работи на Законски измени кои предвидуваат воведување на задолжителни внатрешни тела во секое финансиско друштво, како одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик, надзорен одбор и слично.

Дополнително, се зајакнува контролата при отворање на нови деловни простории, при што ќе биде потребна претходна согласност од Министерството за финансии, со утврдени критериуми за условите на работење“, информираат од Министерството.

Со измените се предвидува и зголемување на основната главнина на финансиските друштва, како и укинување на исплатите во готовина, со што кредитните средства ќе може да се исплаќаат исклучиво преку банкарска сметка. Целта е поголема следливост на финансиските текови и намалување на ризиците од злоупотреби.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска веќе подолг период алармира дека контролите откриваат слабости и неправилности.

– Министерство за финансии во континуитет врши теренски и вонтеренски надзор на работењето на финансиските друштва. При тоа во 2025 година при вршењето на надзорот за констатирани неправилности изречени се 26 наредби и издадени се 4 прекршочни налози.

Во текот на 2025 година  е одземена eднa лиценца за работа на финансиско друштво. Во текот на 2025 година од граѓани се пристигнати две пријави кои се однесуваат на вознемирување при наплата на кредити за што граѓаните се упатени до надлежното Министерство за внатрешни работи.

При тоа нагласуваме дека надлежност за разрешување на евентуални спорови помеѓу финансиските друштва и нивните клиенти имаат единствено надлежните судови во РС Македонија – изјавија од Министеството за финансии за „Слободен печат’.

Министерството за финансии во март информираше дека по направените контроли на финасиските друштва, кои претежно се занимаваат со брзи кредити, утврдиле низа неправилноти.

„Министерството за финансии во реализиран надзор над работењето на финансиските друштва  констатираше одредени измамнички трговски практики коишто се однесуваат, маѓу другото  на рекламирањето на финансиските услуги и други дејствија од финансиските друштва, спротивно на Законот за заштита на потрошувачите“, соопштија од Министерството, но не наведоа колку контроли се направени и кај колку друштва се евидентирани неправилности.

Оттаму објаснија дека при надзорот констатирани се рекламирање со нула проценти камата, иако во договорот за кредит биле предвидени други дополнителни трошоци.

„Исто така, констатирани се неправилности коишто се однесуваат на рекламирање на финансиски услуги под брендови без да се наведе финансиското друштво коешто ја нуди конкретната услуга, потоа користење повеќе веб страни од страна на исто финансиско друштво, како и користење назив на друштвото во деловните простории различен од називот утврден во дозволата за работа на финансиското друштво“, пишува во соопштението.

Голема фирма за брзи кредити останала без лиценца, министерството не открива која

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот