Илон Маск / Фото EPA-EFE/TOLGA AKMEN / POOL

Илон Маск е првиот човек со богатство над 1.000 милијарди долари

Малку бизнис-лидери се толку длабоко вкоренети во популарната култура како Илон Маск, амбициозниот претприемач кој стана централна фигура во интернет-културата и собра богатство што го направи првиот трилионер во светот.

Во време кога загриженоста за социјалната нееднаквост и негативниот став кон ултрабогатите се сè поизразени, Маск успеа да одржи лојална база на поддржувачи и покрај неговото астрономско богатство, без пристапниот и „народен“ имиџ кој, на пример, им помогна на милијардери како Ворен Бафет да добијат наклонетост кај пошироката јавност, пишува Ројтерс.

Додека неговите обожаватели го гледаат неговиот стил на комуникација како дел од неговата привлечност, критичарите го обвинуваат дека поседува моќ слична на онаа на олигарсите, предупредуваат на проблеми со корпоративното управување во неговите компании и ги критикуваат неговите сè поизразени политички интервенции.

Сепак, SpaceX – гигантот за ракети, сателити и вештачка интелигенција, кој заедно со производителот на електрични автомобили Tesla го формира јадрото на деловната империја на Маск – собра рекордни 75 милијарди долари на првичната јавна понуда (IPO) во четврток, потврдувајќи го силниот интерес на инвеститорите за неговите потфати.

Пред продажбата на акции, списанието „Форбс“ го процени богатството на Маск на околу 780 милијарди долари, значително повеќе од втората најбогата личност во светот, коосновачот на „Алфабет“, Лари Пејџ.

„Вториот најбогат човек во светот досега се движеше на околу 300 милијарди долари, помалку од една третина од колку што Маск потенцијално би можел да  вреди уште утре“, рече Мет Дурот, заменик-уредник на Forbes Wealth. „И само уште едно лице, основачот на Oracle, Лари Елисон, некогаш надминал вредност од 400 милијарди долари.“

Поголемиот дел од богатството на Маск денес е поврзано со SpaceX, во кој тој поседува удел вреден приближно 866 милијарди долари. Заедно со „Тесла“ и други средства, неговата нето вредност ќе надмине 1,1 трилион долари (илјада и сто милијарди долари) кога акциите ќе почнат да се тргуваат во петок, според проценките на Форбс и Ројтерс врз основа на корпоративни поднесоци.

Маск стана глобално познато име благодарение на „Тесла“ и „СпејсИкс“, пред дополнително да го прошири своето влијание со купување на социјалната мрежа Твитер за 44 милијарди долари во 2022 година. Овој потег му даде директен пристап до стотици милиони корисници и го претвори во еден од највлијателните гласови во дебатите за политиката, имиграцијата, владините трошоци и слободата на говорот.

Неговото навлегување во политиката, особено улогата што ја играше минатата година во Одделот за владина ефикасност во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, се покажа како еден од неговите најконтроверзни потфати. Политичката контроверзност се совпадна со слабеењето на продажбата на возила „тесла“ на неколку меѓународни пазари во текот на 2025 година, кога протестите и бојкотот на потрошувачите беа насочени против производителот на електрични автомобили.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот