Одобренијата за градба паднаа за 38 проценти, ќе се градат над 700 нови станови
Бројот на издадени одобренија за градење во април 2026 година бележи значителен пад од 38 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Во текот на месецот биле издадени вкупно 291 одобрение за градење, додека предвидената вредност на објектите достигнува 4,58 милијарди денари, што претставува намалување од 41,8 проценти на годишно ниво.
Препорачано
Најголем дел од одобренијата, односно 208 или 71,5 проценти, се однесуваат на објекти од високоградба. За нискоградба биле издадени 27 одобренија, додека 56 се за реконструкција на постојни објекти.
И покрај падот на бројот на дозволите, во април е предвидена изградба на дури 722 нови станови со вкупна корисна површина од 65.663 квадратни метри. Најмногу станови се планирани во Скопскиот Регион – 261, по што следуваат Југозападниот Регион со 154 и Вардарскиот Регион со 138 станови.
Од вкупниот број одобренија, кај 197 објекти инвеститори се физички лица, додека кај 94 инвеститори се деловни субјекти. Сепак, компаниите доминираат според вредноста на инвестициите, со над 3,2 милијарди денари од вкупно предвидените средства.
На регионално ниво, најмногу одобренија за градење се издадени во Полошкиот Регион – 83, пред Скопскиот Регион со 72 одобренија. Најмалку активности се регистрирани во Североисточниот Регион, каде што се издадени само три одобренија.
За квадрат стан во Кисела Вода платени неверојатни 2.888 евра, 45 квадрати чинеле 130.000 евра
Структурата на планираните станови покажува дека најбројни ќе бидат двособните и трособните станови, кои заедно сочинуваат речиси две третини од вкупниот број предвидени станбени единици.
Податоците упатуваат на забавување на градежната активност во однос на минатата година, но и на продолжување на инвестицискиот интерес во станбената изградба, особено во Скопје и во западниот дел од земјата.


