Шок на пазарот, златото падна на 113 евра за грам – дали е ова добра шанса за купување?
Цената на златото денеска забележа значителен пад и на дел од европските пазари се спушти на околу 113 евра за грам или унца (31,1 грам) чини 3.542 евра. Овој пад предизвика внимание кај инвеститорите, штедачите и трговците со благородни метали. По повеќемесечниот раст и рекордните нивоа достигнати на почетокот на годинава, денешниот пад на берзите отвори дилеми дали станува збор за краткорочна корекција или за почеток на подолгорочен надолен тренд.
Препорачано
Според аналитичарите, зад намалувањето на цената стојат повеќе фактори. Меѓу нив се очекувањата дека американските каматни стапки ќе останат високи подолг период, што ја намалува привлечноста на златото како инвестиција. Дополнително, зајакнувањето на американскиот долар и намалената побарувачка за таканаречени „сигурни засолништа“ придонесоа инвеститорите да се насочат кон други финансиски инструменти.
Денешниот пад следува по историскиот раст што златото го доживеа во изминатите месеци. Највисоката цена на унца злато беше регистрирана во јануари 2026 година, кога благородниот метал достигна рекордни нивоа на светските берзи. Растот тогаш беше поттикнат од геополитичките тензии, неизвесноста на финансиските пазари и зголемената побарувачка од централните банки ширум светот.
Експертите потсетуваат дека сегашниот пад доаѓа по период на исклучително брзо поскапување, поради што дел од инвеститорите одлучиле да ја реализираат добивката преку продажба на своите позиции. Таквиот потег дополнително го засили притисокот врз цената.
Интересно е што пред само една година, во средината на 2025 година, златото се тргуваше по значително пониски вредности од денешните. Оттогаш до почетокот на 2026 година следуваше силен раст кој го доведе металот до историски максимум. Највисоката цена беше околу 151,3 евра за грам, достигната кон крајот на јануари 2026 година, кога златото постави историски рекорди и во долари и во евра. Денешната цена од 113 евра за грам е најниско ниво во последните шест месеци.
Зошто златото и среброто достигнаа рекордни цени минатата година?
И покрај денешниот пад, дел од финансиските аналитичари сметаат дека златото и натаму ќе остане еден од најбараните инструменти за заштита од економска неизвесност. Според нив, евентуално влошување на геополитичката состојба, раст на инфлацијата или промени во монетарната политика на големите централни банки би можеле повторно да ја поттикнат цената нагоре.
Засега, пазарите внимателно ги следат следните потези на водечките централни банки и движењата на доларот, кои во голема мера ќе го одредат понатамошниот правец на цената на златото во наредните недели.


