Јасна Апостолски Николов - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Јасна Апостолски Николов - Фото Слободен печат - Методи Здравев

МАМАВИЗИЈА | Јасна Апостолски Николов: Сега сум од другата страна — мајка ми ме чуваше, денес јас се грижам за неа

Преку 5.000 мајки во последните години успеaле да воспостават екслузивно доење благодарение на упорната Јасна Апостолски Николов. Но, малкумина знаат од каде потекнува поривот кај неа да започне со приказната да стане консултант за доење.

– Многу мајки не знаат, но јас не успеав со мојата доенечка приказна, Лука го доев само два месеци. Тогаш немаше кој да ми помогне, не бев доволно упорна, а и не знаев како. Оттука тргна мојата желба да им помогнам на мајките. Многу е важна психофизичката подготовка на жената уште во бременоста. Тоа го сфатив на своја кожа, затоа денес сум толку упорна – вели ексклузивно за „Мамамвизија“ Апостолски Николов.

За првпат пред очите на јавноста ја раскажува својата лична мајчинска приказна. Со радост ја поканивме во „Мамавизија“ , а таа пак со прекрасна реакција прифати да сподели и предизвици што ја направиле похрабра во мајчинсвото.

Апостолски Николов станува мајка на 29 години и денес нејзиниот син Лука е тинејџер. Предизвиците за мајчинството за неа започнуваат уште во првите недели од бременоста.

– Мојот син е толку храбро и упорно дете. И покрај таква ризична бременост денес израсна во големо момче. Останав бремена во периодот кога брат ми правеше свадба. Вечерта во ресторанот почувствував дека крвавам, а кога се погледнав, видов дека сандалата ми плива во локва крв. Никој освен сопругот не знаеше дека сум бремена, не сакав да правам дополнителен притисок и сакав да им соопштам по свадбата, но по овој инцидент немав избор. Докторот ми рече да одам право на лекар. За среќа не беше ништо страшно, но морав свадбата да ја поминам лежечки – се присетува таа.

Јасна Апостолски Николов - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Јасна Апостолски Николов – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Јасна ме спаси

Медицинската сестра со јасна и силна визија, Јасна, станува основач на школо за трудници и доење „Бебелогија“ и единствен меѓународен консултант за доење кај нас. Сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудници. Мајките за неа ќе речат: „Јасна ме спаси. Да не беше Јасна, не знам што ќе правев“.

Доенечката приказна за современата мајка е предизвик на глобално ниво, многу земји низ светот, како што вели нашата соговорничка, успешно се борат преку различни едукации на медицинскиот персонал, обуки на трудници и мајки.

– Бројот на консултанти за доење е најголем во Америка. Инаку оваа професија започнува во 50-тите години на минатиот век. Консултантите за доење денес се дел од болниците како една важна алка во развојот на општеството. Еве и ние на Балканот се трудиме да бидеме во чекор. Потребно е државата да застане зад овој проблем, да се насочи кон едукација на медицинските сестри, да се стимулира интересот за професијата патронажна сестра, професија што ми се чини заборавена – вели Апостолски Николов, којашто додава дека интересот кај медицинскиот персонал за доедукација околу доењето постои.

Има голем интерес и за часовите за трудници и за часовите за доилки.

– Во „Бебелогија“ на годишно ниво имаме 400-450 трудници. Тоа се веќе преку 5.000 трудници со коишто заеднички сме се бореле за нивната доенечка приказна. Многу сум им благодарна на сите за довербата и за убавите зборови кои неретко ги упатуваат за мене – вели таа.

Јасна Апостолски Николов - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Јасна Апостолски Николов – Фото Слободен печат – Методи Здравев

И како што ќе рече Апостолски Николов, животот е круг, прво родителите се грижат за децата, па потоа обратно, децата се грижат за родителите.

– И природно така треба да биде. Јас сега минувам низ таков период од животот. За жал, мојата мајка е неподвижна, па јас сум ѝ потребна во секојдневието. Прво таа се грижела за мене како дете, сега јас за неа – вели нашата соговорничка.

Гледајте „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.

 

МАМАВИЗИЈА | Едина Муса: Имам вдлабнатина од царскиот рез, ама тоа не е важно откако станав мајка

МАМАВИЗИJA | Од спонтан абортус до бременост со пет плода – несекојдневна приказна на трудницата Маја од Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот