ЕУ планира нови правила – како авиокомпаниите ќе ни наплаќаат за рачен багаж?
Европската Унија е во процес на финализирање на нови регулативи кои значително ќе влијаат врз авионските патници. Покрај позитивните реформи за компензација при доцнење на летовите, ЕУ подготвува големи измени и во начинот на кој авиокомпаниите ги продаваат своите билети и ги наплаќаат куферите за во кабина (рачен багаж), пишува „Уан мајл ет а тајм“.
Препорачано
Иако првично се разгледуваше целосна забрана за наплата на рачниот багаж, новите правила донесуваат малку поинаков пресврт.

Авиокомпаниите ќе мора да ги прикажуваат цените со вклучен куфер
Досегашната пракса на нискобуџетните компании како Рајанер или Виз Ер беше да ја рекламираат само најниската можна цена на билетот, која вклучува единствено мал ранец, додека стандардниот рачен куфер се доплаќаше дополнително во текот на резервацијата.
Со новата политика на ЕУ, авиокомпаниите ќе бидат принудени првично да ја прикажат цената на билетот во која веќе е вклучен и стандардниот рачен куфер, заедно со личниот предмет.
Сепак, ЕУ нема целосно да ја забрани наплатата. Наместо тоа, за време на процесот на купување, патниците кои сакаат да патуваат само со ранец ќе можат да ја отштиклираат опцијата за куфер во замена за соодветен попуст. Идејата на регулаторите е споредбата на цените меѓу различните авиокомпании да биде пореална за потрошувачите.
Оваа легислатива се очекува наскоро да биде финализирана, што значи дека наскоро ќе им кажеме збогум на фамозните реклами на Рајнер за летови од 15 или 17 евра.

Заштита на потрошувачите или непотребно мешање на власта?
Оваа одлука веќе предизвика дебати меѓу експертите во авиоиндустријата. Многумина сметаат дека ваквото присилно прикажување на цените со багаж е непотребно, доколку компаниите се веќе доволно транспарентни на своите веб-страници.
Дополнително, во денешно време, многу ултра-нискобуџетни компании често наплаќаат помалку за чекиран багаж (оној што оди во багажникот на авионот) отколку за рачен куфер кој се внесува во кабина. Со новите правила, на патниците кои сакаат да патуваат само со ранец и да доплатат за голем куфер во багажникот, ќе им биде потешко да ги споредат цените на пазарот.
Заклучок
Иако ЕУ се повлече од првичната идеја за целосно бесплатен рачен багаж, новиот компромис целосно ќе го промени маркетингот на авиокомпаниите. Наместо да доплаќате за багаж, во иднина ќе одземате багаж од веќе пресметаната повисока цена за да добиете попуст. Како нискобуџетните гиганти ќе се прилагодат на овој нов модел, останува да видиме многу наскоро со официјалното стапување на сила на новиот закон.


