Кои седишта во авион се најдобри за долги патувања
Многу луѓе сакаат удобно патување, но тоа на летовите на нискобуџетните авиокомпании често изгледа како невозможна мисија. Сепак, аргентинската стјуардеса Барби Бак сподели корисен совет со кој патниците можат да си обезбедат подобро место во авионот, пренесува „Мирор“.
Препорачано
Таа објаснува дека нискобуџетните авиокомпании, доколку не доплатите за избор на седиште, речиси секогаш ви го доделуваат најнепосакуваното место — седиште во средина меѓу двајца патници, во последниот ред или без прозорец. Сепак, според неа, постои решение.
„Бев на лет од четири и пол часа и доплатив за да патувам како кралица, на седиште каде што од едната страна немав никој до мене. За тоа задоволство платив само 11 евра повеќе“, изјавила таа.
Бак посочува дека избрала седиште на десната страна во 27 ред, каде што има само две седишта наместо вообичаените три, што на патниците им овозможува повеќе простор и поголема удобност. Таа открила и кои седишта треба да се избегнуваат, особено ако сакате да одморите за време на летот.
„Последниот ред без сомнение е најлош. Во задниот дел од авионот најсилно се чувствуваат турбуленциите“, рекла таа.
Средното седиште го нарекла „седиште на очајот“.
„Заробени сте, притиснати меѓу двајца целосни странци, без личен простор и без контрола“, порачала таа.
Според неа, ниту седиштето до патеката не е идеално за спиење, бидејќи патниците постојано ве удираат додека поминуваат, а стјуардесите ве допираат со количките за храна и пијалаци.
Таа смета дека седиштата покрај излезите за итни случаи се меѓу најдобрите поради дополнителниот простор за нозете. Сепак, патниците што седат таму имаат обврска да помогнат при отворање на излезот во случај на опасност. Освен тоа, тие места можат да бидат постудени поради близината на вратите, а понекогаш спроти вас седи и стјуардеса, што за некои патници може да биде непријатно.
Седиштата во првиот ред, веднаш зад преградниот ѕид, исто така нудат повеќе простор за нозете, но таму нема место за чување лични работи, па сè мора да се стави во преградите над главата.
На крајот, оваа стјуардеса вели дека ако сакате мир и одмор за време на летот, седиштето до прозорец е најдобриот избор.


