ВИДЕА | Сигурно веќе ги знаете наизуст — потсетете се на најдобрите химни на Светските првенства
Со текот на годините, песните што ги следат Светските првенства во фудбал станаа речиси исто толку важен дел од турнирот колку и самите натпревари.
Препорачано
По повод годинашното Светско првенство, „Ролинг стоун“ ги разгледа сите официјални песни и химни на ФИФА (без песните од официјалните саундтракови) од 1990 година наваму и направи избор на најдобрите – од безвременските хитови до оние што со текот на времето останаа неправедно во сенка.
На врвот на листата е „The Cup of Life“ („La Copa de la Vida“) на Рики Мартин, официјалната химна на Мундијалот во Франција во 1998 година. Со самба-ритамот и заразната енергија, песната стана светски мегахит, се најде на првото место на топ-листите во 30 земји и ја претвори порториканската ѕвезда во глобален музички феномен. Нејзиното влијание не заврши со Светското првенство – легендарниот настап на Рики Мартин на доделувањето на музичките награди Греми во 1999 година се смета за почеток на светската експанзија на латино-поп музиката.
Веднаш зад неа е „Waka Waka (This Time for Africa)“ на Шакира, химната на Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година. Комбинирајќи афро-колумбиски и јужноафрикански музички елементи, песната стана еден од најголемите хитови на деценијата. Во 2024 година беше прогласена за најстримуваната песна во историјата на Светските првенства и доби Гинисов рекорд. Шакира неодамна изјави дека токму благодарение на оваа песна го запознала поранешниот партнер Жерар Пике, татко на нејзините две деца.
На листата се најде и „El Rock del Mundial“ на чилеанската група „Лос Рамблерс“, која се смета за првата вистинска песна инспирирана од Светско првенство. Објавена во 1962 година, пред турнирот во Чиле, таа не била создадена по нарачка на ФИФА, но станала огромен хит во Јужна Америка и останува една од најпродаваните песни во историјата на чилеанската музика.
Меѓу најдобрите мундијалски химни е и „Dai Dai“, најновата песна на Шакира и Бурна Бој за Светското првенство во 2026 година. Со текст на повеќе јазици – италијански, јапонски, шпански, француски и англиски – песната испраќа порака за единство, а во неа се споменуваат и земјите и фудбалерите што настапуваат на годинашниот турнир.
Во изборот на „Ролинг Стоун“ се најдоа и „We Are One“ на Џенифер Лопез, Питбул и Клаудија Леите, „Dar um Jeito (We Will Find a Way)“ на Карлос Сантана, Вајклеф Џин, Авичи и Александре Пирес, „Gloryland“ на Дерил Хол и „Саунд оф Блекнес“, „Hayya Hayya (Better Together)“ на Тринидад Кардона, Давидо и Ајша, како и „The Time of Our Lives“ на „Ил Диво“ и Тони Брекстон.


