Светот ќе гледа невиден спектакл — Џастин Бибер, Шакира, БТС и Мадона настапуваат на финалето на Светското првенство во фудбал
Фудбалот, музиката и хуманоста ќе се спојат во едно за време на шоуто на полувремето од финалето на Светското првенство во фудбал, кое денеска ќе се игра на стадионот „МетЛајф“ во Ист Радерфорд, Њу Џерси, пишува „Фифа“.
Препорачано
Светската поп-ѕвезда Џастин Бибер во последен момент им се приклучи на иконите Мадона, Шакира и корејската сензација БТС како главен изведувач на овој 11-минутен музички спектакл. На сцената ќе им се придружат и африканската ѕвезда Бурна Бој, прочуениот венецуелски диригент Густаво Дудамел со њујоршката филхармонија, како и детскиот хор „PS 22“ заедно со групата Колдплеј. Како специјално изненадување за најмладите, во шоуто ќе учествуваат и култните ликови од „Улицата Сезам“ и „Мапет шоу“.
Ова не е само обична забава. Целиот настан, во чија организација учествува и Крис Мартин од Колдплеј, има за цел да испрати порака за единство и да собере 100 милиони долари за Фондот за образование на ФИФА и „Глобал Ситизен“, кој им помага на децата во неразвиените средини.
„Светското првенство го обединува светот како ништо друго. Благодарен сум што сум дел од ова шоу, особено затоа што знам дека веќе им помага на децата ширум светот да добијат пристап до образование“, изјави возбудениот Џастин Бибер.
Досега се собрани повеќе од 50 милиони долари, пред сè благодарение на одлуката по 1 долар од секој продаден билет за натпреварите од Светското првенство да оди директно во овој хуманитарен фонд. Зад овој голем проект стои и моќен советодавен одбор во кој членуваат претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, пејачите Шакира и Д Викенд, актерот Хју Џекман, тениската легенда Серена Вилијамс и бразилската фудбалска икона Кака.
Сѐ е подготвено за спектаклот на годината: Аргентина и Шпанија вечерва играат за светска титула


