згради на Водно / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Студијата за ризици е единствената гаранција за безбедност при градење на Водно, вели деканот на Градежен, Јосиф Јосифовски

Професорот истакна дека иако парцелите што се дел од овој план се најверојатно приватни, тоа не значи дека сопствениците можат да прават што сакаат на своето земјиште, туку треба да добијат јасни насоки од Општината и надлежните служби, кои ќе му укажат на сопственикот што може да се изгради и какви објекти можат да се градат на таа земја.

Веројатно сите скопјани во изминатава недела дознаа и се запознаени со гласањето на Советот на Општина Центар, каде што советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го изгласаа нацрт ДУП-от за градска четврт Ј-05, позната како Барутана, со што на оваа локација на Водно ќе се отвори можност да изградба на десетина или повеќе објекти на два ката со приземје.

Најрелевантен фактор за безбедност е студијата за проценување ризици

„Слободен печат“ на оваа тема разговараше со деканот на Градежниот факултет, професорот Јосиф Јосифовски, кој предупреди дека најмалку што му требаат на Водно се нови објекти, а воопшто не е потребно и не треба да планината да се градат згради, но сепак тој посочи дека најточен и најрелевантен фактор при донесувањето одлука за овој детален план би била студија за испитување на ризикот на областа, која, како што вели тој, ќе го покаже нивото на ризик при евентуалната изградба на објекти, кој земајќи предвид дека се работи за планински предел, веројатно ќе постои.

На ерозивно подрачје на Водно се планира изградба на десетици нови објекти, тврдат од „Шанса за Центар“

Сепак, тој информираше дека досега Општината нема побарано помош или каква било анализа и студија за овој проект и додаде дека во моментов Градежниот факултет единствено работи на изготвување студија за свлечиштето кај Тасино Чешмиче, кое како што вели тој, самото по себе е резултат на неурбано и прекумерно градење на Водно.

– Градоначалникот Горан Герасимовски или кој било од Општина Центар не нема контактирано како Градежен факултет. Јас ја користам секоја можност да му го назначам значењето на сите студии и анализи за во иднина да не се случуваат вакви проблеми. Малку е чудно бидејќи ние во моментот имаме проблем во Центар и проект за решавање на локацијата кај Тасино Чешмиче, коешто е резултат на неурбано и прекумерно градење на падините на Водно и во таа смисла и за тој проблем сме биле консултирани. За Барутана, ниту официјално ниту приватно или директно не сме биле контактирани во врска со оваа постапка или оправданоста за тој предложен Детален урбанистички план – вели Јосифовски.

ДУП-от не може да не се усогласува со Градскиот план

Сепак, деканот се осврна и на шпекулациите и информациите во јавноста дека овој ДУП не соодветствува со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, за што Јосифовски вели дека едниот план не може да биде неусогласен со вториот, со што според него се отфрла ова тврдење. Тој продолжи дека Деталниот план за секоја општина е само „продолжена рака“ на Генералниот, односно подетален план со кој точно се дефинираат условите за градба.

– Во јавноста гледам дека излегуваат шпекулации во однос на тоа дали ДУП-от за овој дел на Центар е во согласност со Генералниот план на Скопје, но за да може да биде донесен Детален урбанистички план, мора тој план да биде усогласен со ГУП-от, и не може да е поинаку. ДУП-от е само подетален план за да се дефинираат условите за градба, како локација и габарит на објектот, или на маркичката и одредена катност што треба да се утврди. Тој детален план треба да каже дека таму може да се гради одреден објект, не секој објект – вели Јосифовски.

Иако парцелите се приватни, Општината е „шефот“

Професорот истакна дека иако парцелите што се дел од овој план се најверојатно приватни, тоа не значи дека сопствениците можат да прават што сакаат на своето земјиште, туку треба да добијат јасни насоки од Општината и надлежните служби, кои ќе му укажат на сопственикот што може да се изгради и какви објекти можат да се градат на таа земја.

Планот за градење во Барутана / Фото: „Шанса за Центар“

Бидејќи станува збор за Водно, Јосифовски смета дека накосениот терен веќе има ризици, за кои Општина Центар, како и секоја друга општина, има обврска на секои три или четири години да изработи студии што го утврдуваат степенот на ризик, како и да утврдат дали има потреба од колектори и слично, со што ќе се спречат сите евентуални опасности во иднина.

– Дури и ако се дозволи да се изградат објекти, овие студии за ризик што се потребни за да укажат дека горе треба да има колектор или канал, што ќе спречи непогоди бидејќи има ризик и има потреба од интервенција. Општината тоа треба да му го даде како обврска на инвеститорот и да му каже дека доколку сака да гради, треба да направи студија и систем што ќе обезбеди целосно превенирање на ризиците – вели Јосифовски.

На Водно не му требаат повеќе згради

Тој истакна дека на Водно веќе има огромни објекти што се тешки и му пречат, а како таков го посочи комплексот „Панорама резиденс“, кој, освен што е тежок и опасен, изгледа тотално неприродно сместен под Водно и токму поради тоа тој вели дека треба да се направи правилник за градење и да се забрани изградба на згради на Водно.

– Пример за овој неурбанизам е „Панорама“, за која не треба да си експерт за да знаеш дека делува неприродно, изгледа натурено и не е слеано со планината, со што веднаш отстапува од урбанистичките и архитектонските правила. Јас не знам за какви објекти точно станува збор, но треба да се направи правилник или урбанистите да донесат одлука со која ќе се забрани да се градат згради на Водно – изјави деканот.

Бидејќи Општината и Градот немаат капацитет, Министерството за транспорт ќе го санира патот кон Теферич

Јосифовски вели дека да се изгради толкав резиденцијален објект и да се постави на накосен терен, тоа е, како што вели тој, храброст од невидени размери, или чисто незнаење, или пак чисто профитерство. Тој несериозен пристап нè донесе до вакви ситуации.

Евентуалните последици би биле скапи и тешки за поправање

Деканот истакна дека, доколку овој ДУП помине без студија за ризик и доколку Општина Центар не даде јасни насоки за тоа какви објекти можат да се градат, дури тогаш ќе дојде до огромни проблеми што ќе бидат скапи и бараат премногу работа и анализи.

– Најинтересно е што сè што ќе се изгради потоа, кога ќе пројде овој нов ДУП, после ќе се случат овие работи за кои разговараме, а мерките за решавање на овие проблеми се многу скапи. Токму затоа се и премногу важни овие студии, да делуваат превентивно и да ги објаснат опасностите. Тие се прават врз база на графикони, податоци, дијаграми… преку кои се одредува степенот на ризик. Во нормални рамничарски терени е многу помал ризикот и може полесно да се справиш со различни предизвици, на пример ако се појави послаб материјал, меѓутоа на локации како што е Водно, тоа ќе биде потешко – предупредува деканот на Градежниот факултет.

Доколку се тргне настрана овој важен технички аспект, Јосифовски вели дека енормно важен е и еколошкиот аспект, бидејќи, како што вели тој, сите знаеме дека на Скопје не му се потребни нови згради на Водно, туку паркови и шуми.

Казни за инвеститорот кај „Гологанов“, со градилиштето се уништени коловоз, тротоар и канализација, велат од Центар

Притоа, тој заклучи дека настрана неговото субјективно мислење, стручно гледано, потребно е да се направат овие студии за процена на ризик, кои ќе покажат дали треба и дали може да се гради на оваа локација на Водно, бидејќи сега, како што вели тој, сите јавни дебати и дискусии се неаргументирани и сведени на политички препирања.

– Јас не знам дали треба или не треба, но знам дека ќе се направат студии и податоци што точно ќе покажат дали треба и дали може да се гради на Водно. Сите дискусии во јавноста за Барутана и сите политички препирки периодов, од мој аспект, никој уште нема аргументи за тоа дали треба или не треба да се гради на оваа локација на Водно. Од мое стручно гледиште, јас не знам дали треба да се гради кај Барутана, но знам што треба да се направи за да се види што е најправилно – заклучи Јосифовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот