„Човекот зад името“ — Мерсиха Шукри: Реализираните луѓе немаат потреба да се кријат зад функции
Искуството ја научило дека она што универзумот го одредил за нас, неизбежно ќе се случи. Но со голем дел од нашите постапки, сами си ја кроиме судбината, смета Мерсиха Шукри. Затоа е важно да бидеме искрени кон себе и кон универзумот што го слуша нашето срце.
Рубриката „Човекот зад името“ започнува таму каде што завршува јавната слика. Честопати мислиме дека ги познаваме успешните личности, но најчесто ги познаваме само нивните улоги. Во оваа рубрика ги оставаме настрана титулите, професиите и успесите – не зборуваме за кариери и проекти, туку за внатрешните состојби, копнежите, сомнежите и пресвртите што го обликуваат човекот. Преку лични и интроспективни прашања се обидуваме да ја откриеме поинтимната страна на личноста.
Денес, зад името ја откриваме харфистката Мерсиха Шукри, како човек.
Препорачано

Кој е звукот или мирисот што веднаш Ве враќа во детството и во Вашето најискрено „јас“?
– Мирисот на ванилин шеќер и цимет од колачињата што ги правеше мајка ми. Тоа беа ванилиците полни со џем, кои се топеа во уста. Преполната чинија со нив, за кратко време се празнеше.
Ако животот е книга што ја пишувате секој ден, како гласи насловот на поглавјето во кое се наоѓате сега?
– Моменталното поглавје би гласело „Гледајќи внатре“. Човекот што го гледам во огледало измина многу подеми и падови, како на професионален така и на приватен план. По сето тоа животно искуство, од страна гледајќи внатре во себе, правам едно внатрешно инженерство. Работата на себе никогаш нема крај. Само така може да се остави уникатен печат полн со оригиналност и љубов.
Која е таа лекција што животот Ви ја повторувал додека конечно не ја научивте и што најпосле научивте од неа?
– Лекцијата дека искреноста, добрината и правичноста се почитуваат и се вреднуваат во ова време на изгубени вредности. Искрено, не знам дали ја научив лекцијата. Животот е пред мене, а јас сепак имам изграден став со некои заборавени вредности. Научив само дека не секој го заслужува моето време и енергија.
Дали некогаш сте се изгубиле во обидот да бидете она што другите очекуваат од Вас?
– Никогаш не сум се изгубила заради очекувањата на другите, но секогаш сум отворена за аргументирани разговори, предлози, совети и слично. Тоа ми отворило нови погледи кон нештата.
Која е онаа вистина за која допрва собирате храброст јавно да ја кажете?
– Реализираните луѓе немаат потреба да се кријат зад разни функции и да „глумат“ полжави.
Што е она што најмногу Ве плаши кај луѓето, а што најмногу Ве плаши кај самата себе?
– Многубројните лица на луѓето, нивната злоба и алчност е нешто од што секој би се плашел. Двојните аршини што се сретнуваат низ целиот свет. Лично, можеби ме плаши што како единка, не можам да сторам повеќе за еден поубав и помирен свет.
Кој дел од Вашиот карактер е „најтежок“ за носење, а сепак не би го менувале?
– Повлекувањето во себе, дефинитивно. За одредени работи знам да ги процесирам тивко во себе, без да споделам со најблиските. Едноставно се исклучувам.
Што е она што Ви го омекнува срцето кога чувствувате дека станувате премногу „тврда“ кон светот?
– Детската насмевка, животните, предизвиканата радост кај другите луѓе, убава музика.
Како реагирате кога ќе сфатите дека некој Ве повредил – со тишина и повлекување, со разговор или со простување?
– Зависи од човекот и начинот на повредување. Некогаш тоа знае да биде и микс од сите – прво да се разговара, да се прости (заради себе), а потоа да се повлечам.
Дали повеќе верувате во судбината или во сопствената волја? Што Ве научило искуството?
– Искуството ме научило дека она што универзумот го одредил за нас, неизбежно ќе се случи. Но со голем дел од нашите постапки, сами си ја кроиме судбината. Затоа е важно да бидеме искрени кон себе и кон универзумот. Тој го слуша нашето срце.
Која е Вашата дефиниција за слобода и кога Вие се чувствувате навистина слободна?
– За мене слобода е да бидам она што сум, не она што не треба. Да немам ништо, а сепак да ги поседувам најголемите богатства. Слободна како визијата што само умот може да ја види.

Кој е оној порок или навика што Ве прави да се чувствувате приземно и човечки?
– Скромноста и духовноста што се трудам секогаш да ги негувам. Да ги сослушам другите бидејќи секој носи свој пар чевли.
Кое е она прашање на кое сè уште немате пронајдено одговор, иако го барате?
– Кога луѓето ќе почнат да работат на самите себе, да станат подобри личности? Да гледаат во својот двор. И какви се луѓето што се сметаат за сезнајковци?
Кога ќе ја тргнете секоја „етикета“ на успешна уметница по која Ве препознава светот, кој е тој човек, таа жена што останува да стои сама во собата?
– Во таа жена е скриено девојчето со безброј сништа и рани. Свесна за сѐ што има, со духот борец, со срце полно љубов и достоинство.
На крајот, ако треба да се дефинирате само со една емоција, која е таа?
– Пријателите ме дефинираат како љубов, а јас самата – како благодат.
ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Ана Бунтеска: Човек се менува само тогаш кога самиот сака
ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Ана Бунтеска: Човек се менува само тогаш кога самиот сака


