Африканска свинска чума се шири во Србија, усмртени над 20.000 животни
Африканската свинска чума се шири низ Србија, поради што се воведени вонредни мерки во некои делови од земјата, а повеќе од 20.000 животни веќе се еутанизирани, јавуваат српските медиуми.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Африканската свинска чума е потврдена на стотици фарми низ цела Србија, а надлежните служби секојдневно спроведуваат мерки за да се спречи понатамошното ширење на вирусот. Во неколку области е прогласена вонредна состојба, додека заразените грла се отстрануваат за да се запре епидемијата.
Најголемото прашање кај граѓаните е дали консумирањето месо од заразена свиња може да го загрози здравјето на луѓето.
Ветеринарите истакнуваат дека одговорот е – не.
Раководителката на Одделот за вирусологија во Ветеринарниот институт на Србија, д-р Весна Милиќевиќ, објаснува дека африканската свинска чума не е болест што може да се пренесе на луѓето.
Според неа, дури и ако некој случајно јаде месо од животно кое било заразено или е во фаза на инкубација, тоа нема да има никакви здравствени последици. Истото важи и за домашните миленици, како кучиња и мачки.
Во меѓувреме, државата ја заострува контролата на фармите.
Министерот за земјоделство, Драган Гламочиќ, најави максимални казни за оние кои не ги почитуваат мерките за биолошка безбедност, а на некои сопственици би можело трајно да им се забрани да чуваат свињи доколку нивното неодговорно однесување ги загрози другите производители.
Бидејќи нема лек или вакцина за африканската свинска чума, единствениот начин да се спречи ширењето на болеста е брзо отстранување на заразените животни.
Хрватски министер верува дека Србија води „специјална војна“ преку напад со африканска свинска чума
Вирусот многу лесно се пренесува. Контаминирана обувка, облека, возила, опрема, храна или контакт со диви свињи се доволни за ширење. Дополнителен проблем е нелегалниот транспорт и неправилното отстранување на мртви животни, што го зголемува ризикот од нови жаришта.
Според најновите податоци, најкритична е ситуацијата во Сремскиот и Мачванскиот округ, но активни жаришта се потврдени и во областа на Белград, делови од Колубарскиот округ, како и во околината на Велика Плана.
Иако вирусот не претставува закана за луѓето, експертите предупредуваат дека неговата економска цена ќе биде огромна ако епидемијата наскоро не се стави под контрола. Затоа апелираат до сите одгледувачи доследно да ги применуваат мерките за биолошка безбедност и веднаш да пријавуваат секоја сомнителна болест кај ветеринарните служби.


