Што ни стигнува од увоз? Девет пратки храна запрени, десетици тони производи уништени
Најголем број контроли биле спроведени кај пратките со овошје, зеленчук и нивни преработки, а контрола имало и на житата, на пекарските производи и на суровините за пекарство, стои во извештајот на АХВ за ланското работење
Илјадници тони храна секојдневно поминуваат низ границите, но не добива зелено светло сè што пристигнува. Само во една година инспекторите провериле повеќе од 626 милиони килограми храна, запреле небезбедни пратки и спречиле производи со сомнителен квалитет да стигнат до потрошувачите. Извештајот за лани на Агенцијата за храна вели дека надлежните инспекциски служби при контролите на увозот провериле 45.777 пратки со храна со вкупна количина од 626.255.011 килограми.
Препорачано
Во рамките на контролите при извозот биле издадени 5.325 сертификати за безбедност на прехранбени производи, додека инспекциските служби извршиле детални проверки на увозните пратки на различни видови храна, од жита и овошје, до пијалаци, додатоци во исхраната и производи за посебна намена.
Најголем број контроли биле спроведени кај пратките со овошје, зеленчук и нивни преработки – 11.930 пратки со вкупна количина од 169.491.974 килограми. Следуваат житата, пекарските производи и суровините за пекарство со 9.519 контролирани пратки и количина од 152.476.237 килограми. Значаен обем на контроли имало и кај шеќерот, минералните води, растителните масла и останатите прехранбени категории.
Најфреквентно инспекциско место при увозот на храна бил граничниот премин Табановце, каде што биле контролирани 17.400 пратки.
Контролите не се однесувале само на храната, туку и на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со неа. Овде биле проверени 10.670 пратки со вкупна количина од 265.492.067 килограми. Најголем дел од контролите се однесувале на материјали и производи од стакло, порцелан и керамика, 4.485 пратки со над 232 милиони килограми.
Во текот на инспекциските активности биле извршени и лабораториски испитувања на 2.427 примероци при увоз. Како резултат на контролите биле забранети девет пратки со храна, а од увоз биле поништени и уништени 90.285 килограми храна. Кај производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната не биле утврдени случаи за забрана на увоз.
Истовремено со контролите при увоз, Одделението за државна инспекција за ветеринарно јавно здравство ги контролирало и операторите со храна, храна за животни и нуспроизводи. Од планирани 18.180 надзори, биле спроведени 19.474, што претставува реализација од 107,15 проценти.
По извршените надзори биле издадени исто толку записници, а врз основа на утврдените состојби биле донесени 2.098 решенија со мерки. Инспекторите издале и 216 платни налози за глоби, од кои 204 биле завршени со порамнување, додека 12 случаи биле проследени до прекршочна комисија и сите биле решени.
Особено внимание било посветено на лабораториското следење на безбедноста на храната од животинско потекло. Биле издадени 5.840 записници за земање примероци, при што биле земени 58.361 примерок. Контролите опфатиле микробиолошки критериуми, хемиски анализи, резидуи, храна за животни, антимикробна отпорност, афлатоксини во млекото и испитувања за трихинела.
Во рамките на контролите за трихинела биле издадени 1.113 записници за испитување на 36.254 свињи. Дополнително, биле земени примероци поради сомнеж за безбедноста на храната, со издадени 815 записници.
Инспекциските активности резултирале и со отстранување од употреба на вкупно 287.427 килограми небезбедна храна од животинско потекло. Од оваа количина, 44 килограми биле уништени директно од оператори, додека 287.383 килограми биле нештетно уништени под надзор на официјален ветеринар. Причините биле различни – од хигиенска неисправност и микробиолошка контаминација, до недекларирани производи и истечен рок на употреба.
Контролите го опфатиле и процесот на колење и производството на месо. Во проверените кланици биле заклани 3.860 говеда постари од 12 месеци, од кои биле добиени 620.757 килограми месо. Дополнително, биле евидентирани 503 говеда на возраст од 8 до 12 месеци со добиени 85.123 килограми месо, како и 377 млади говеда до 8 месеци со 40.380 килограми добиено месо.
Податоците покажуваат дека инспекциските служби спровеле обемни контроли низ целиот синџир на производство, увоз и промет на храна, со цел спречување ризици и обезбедување поголема заштита на потрошувачите.


