Јовановиќ: Власта сака да ги укине приватните пензиски фондови и да ги преземе нивните средства за решавање буџетски проблеми
Економскиот истражувач во Виенскиот институт за меѓународни економски студии Бранимир Јовановиќ во изјава за „Фокус“ вели дека со најавените измени во пензискиот систем, можно е власта да ги укинува приватните пензиски фондови за да ги преземе нивните средства и да пополнува дупки во буџетот, направени со, како што вели, неодговорното трошење.
Препорачано
Суштинските проблеми, според професорот, доаѓаат од реформата од пред 20-тина години со која се воведоа трите пензиски столбови, за која тој вели дека била штетна за државата на повеќе нивоа.
„Таа реформа во суштина значеше делумна приватизација на пензискиот фонд – дел од пензиските придонеси им се дадоа на приватните фондови, кои потоа ги инвестираа нив, и остваруваа профити од тоа. За да бидат работите уште полоши, најголем дел од овие профити, околу две третини, всушност доаѓаа од државата. Државата мораше да издава хартии од вредност за да го покрие дефицитот кој настана поради пензиската реформа, и тие хартии од вредност ги купуваа пензиските фондови, за што државата им плаќаше камата. Така што, она што практично се случи беше дека државата им даде пари на приватните фондови од кои тие остваруваа профити, и плус мораше да се задолжува кај нив, за што им плаќаше камата“, вели Јовановиќ во изјавата за „Фокус“.
Тој смета дека дебатата што сега се отвара во Македонија целосно ја промашува поентата.
„Никој не зборува за овие проблеми, туку се зборува за ниските приноси на вториот пензиски столб и за буџетскиот дефицит поради реформата, а и двете од овие работи беа неизбежни. Приносите беа ниски затоа што глобалните каматни стапки беа ниски изминатите 15-20 години (што веќе и се смени последниве неколку години), а дефицитот што се створи поради пензиската реформа всушност значи пониски дефицити во иднина“, вели проф. Јовановиќ.
„Така што, мене ми се чини дека Владата сака да ги укине приватните пензиски фондови и да ги преземе нивните средства, за да си ги реши буџетските проблеми со кои се соочува поради неодговорното трошење. Ако државата ги преземе средствата на приватните фондови, тоа веднаш ќе ги намали јавниот долг и буџетскиот дефицит, односно, ќе ѝ даде на Владата пари кои таа ќе може да ги троши на сѐ што сака. Знаејќи како оваа Влада ги троши државните пари, тоа само ќе ги влоши состојбите. Дополнително, суштинскиот проблем на пензискиот фонд кој потекнува од стареењето на населението, ќе остане. Така што, промени се потребни, но тие не смеат да се прават на брзина и преку ноќ, туку мора добро да се обмислат“, додава тој.
Павле Гацов: Иднината на македонскиот пензиски систем влегува во „офсајд“


