Павле Гацов - експерт за монетарна економија / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Павле Гацов: Иднината на македонскиот пензиски систем влегува во „офсајд“

Даночниот советник Павле Гацов, кој е сопственик и на консултантската фирма „Проагенс“, со спортски речник алармира дека пензискиот систем влегува во „офсајд“.
Тој, на својот фејсбук-профил сподели, како што вели: „ Краток мини „ВАР“ за „офсајдот“ во кој влегува пензискиот систем“.

„Од секојдневни контакти со младите пензиски осигуреници (млади бизнисмени, фриленсери и програмери…) ги забележувам следните тенденции (трендови):

– Исплата на минимална плата (и плаќање најнизок придонес за ПИО);
– Пријавување на половина работно време за да се плаќа уште помал придонес; Да појасниме: Пола работно време значи и пола работен стаж.
– По наполнување на 15 години работен стаж, се одјавуваат од работен однос за да не плаќаат социјални придонеси;
– Редовно плаќаат приватно осигурување (животно, пензиско или некаква комбинација на осигурување)“.

Тој вели дека  му покажуваат пресметка на пензија на нивни родители: едниот со 15 години стаж, вториот со 38 години стаж, и двајцата со ниски плати додека биле во работен однос, добиваат речиси исти пензии.

– Ми велат зашто да плаќаме, кога државата секако ќе ни исплатува минимална пензија (гарантирана со закон) и плус ќе добиваме линеарно зголемување во иднина (ова секако не е базично решение во Законот), што значи колку помалку уплатуваме денес толку повеќе ќе сме добитници утре (државата секако ќе нè субвенционира, со оглед на тоа дека ќе добиеме многу повеќе од она што ни припаѓа според уплатениот пензиски придонес), а приватното осигурување и заштедата ќе останат наши – вели Гацов.

Неговиот заклучок е:

„После прегледот во „ВАР“ собата: Младите ги регистрираат сите слабости на пензискиот систем и ги користат без пардон. Со ваквата поставеност на македонскиот пензиски систем, офсајдот не ни бега. Решение: Отстранување на слабостите на ПС и засилување на мотивацијата за зголемена уплата на пензиски придонес и соодветно на тоа мерливост на ефектите за цело време на примањето на пензијата од државниот пензиски фонд“.

Тој исто така забележува и дека сè уште на сајтот на ПИОМ нема алатка за пресметување на очекуваната пензија врз основа на податоците за платите и должината на работниот стаж!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот