Ни на докторите во болницата во Гостивар Обвинителството и Институтот за јавно здравје не им кажуваат што имало во испитаната вода
Ниту на докторите и на директорот на Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар, Обвинителството и Институтот за јавно здравје не им кажуваат што имало во испитаните примероци од водата, иако резултатите се готови. Директорот на болницата кардиологот доктор Емри Бајрами, на прашањето на „Слободен печат“ дали резултатите од завршените испитувања им се искомуницирани на докторите или на него како директор, одговори негативно.
Препорачано
-Нема ништо официјално. Читаме на портали и ние, ни рече доктор Бајрами.
Запрашан дали болницата независно од истрагата на Јавното обвинителство спровела свои испитувања, доктор Бајрами вели дека земени се примероци за копрокултура, ама резултатите не се готови.
Така впрочем, ниту лекарите во болницата „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар не знаат точно што лекуваат кога над 3 илјади луѓе им се јавуваат со симптоми на повраќање, дијареа, треска и истоштеност. Сите пациенти се лекуваат симптоматски – зависно од тоа кој симптом го пројавуваат, добиваат таков лек или третман. Но причинителот останува една голема тајна за пациентите на возраст од 1 до 80 години. И медиумите се оставени без официјални информации со кои здравствените власти располагаат, односно се стимулира атмосфера на шпекулации и неофицијално дознавање на информациите. Од друга страна пак, на прес конференција во владата денеска беше порачано „граѓаните да се потпираат само на официјалните информации од институциите“ кои всушност ги нема барем во најважниот дел а тоа е што ја предизвика епидемијата во Гостивар.
Нашите прашања упатени кон директорот на гостиварската болница беа поради тоа што микробиологот професор доктор Никола Пановски, денеска изјави дека е кривично дело здравствените власти да не кажуваат извор на епидемија а да го знаат. Пановски посочи дека независно од Обвинителството и неговата истрага, ИЈЗ и микробиолозите и сите апарати во државата треба да се стават во функција на испитување примероци, копрокултури и да се открие што е изворот на заразата а не да се молчи и да се лишува јавноста од правото да знае, со изговор дека е предистрага.
-Тоа е кривично дело. Замислете една ситуација: Лежи пациент во болница има некое труење. Болницата не ги направила тестовите по протокол, но ОЈО се сомнева во некој причинител и наредува да се направат лабораториски тестови. Потоа ОЈО не им ги кажува на докторите резултатите бидејќи трае истрагата, пациентот починува. Завршува истрагата и се покажува дека доколку докторите го знаеле причинителот, ќе му го дале на пациентот вистинскиот лек и ќе го спаселе. Секоја поврзаност со настанот во Гостивар е намерна – изјави Пановски за „Слободен печат“.
Тој додаде дека е запишан на Медицинскиот факултет од 1973 година и првпат слуша ваква како што ја нарече „глупост“.
-Сме слушале многу глупости во времето на ковид, но ваков егземплар не сме слушнале уште. Во град од илјадници жители како Гостивар, водата според закон треба да се проверува барем еднаш дневно. Што прави ИЈЗ во врска со тоа? Зарем само испитувањата нарачани од ОЈО ги има? Кога има епидемија или голем број на случаи во болниците, тогаш епидемиолозите треба да земат примероци од болните и да се открие причинителот. Сега ни кажуваат дека зеле 12 примероци од 1.500 пријавени. Тоа е занемарлива бројка. Требало да земат барем 100 примероци од болните и да работат лабораториите да се испитува што се случува со пациентите. А не вака, да се кажува дека ОЈО нарачало и негово било да се кажат резултатите. А здравствените власти немаат свои примероци? Причинителот не се бара во водата, туку се бара внатре во организмот на пациентот. Така што спречување лекување пациенти е кривично дело бидејќи здравјето е на прво место, на второ место е што било друго – изјави Пановски за „Слободен печат“.
Како што објави „Слободен печат“, резултатите се земени од водата по наредба на обвинител, од 4 локации, покажуваат отстапување од нормалните параметри, испитувањата се правени споредени со референтната вредност на водата за пиење, а некои медиуми објавија неофицијални информации дека водата била загадена со фекални колиформни бактерии, а во еден примерок имало и зголемено количество хлор.
Инженерот Дејан Димовски, кој 21 година е вработен во ЈП „Водовод и канализација-Скопје“ и е советник од партијата Левица во Општина Ѓорче Петров на Фејсбук објави дека во водата биле пронајдени фекални колиформни бактерии со што се потврдувала техничката теза дека со пумпи била инјектирана фекална вода во водоснабдителниот систем на Гостивар. Потоа според него, зголеменото присуство на хлорот било со цел да се ублажи состојбата на присуството на фекални бактерии во питката вода.

Од друга страна пак, чудно е и што пред само 20 дена Центарот за јавно здравје Тетово издал официјален резултат потпишан од доктор дека водата во Гостивар е „добра“.


