Исланд одлучува за приклучување кон ЕУ — нема што да изгуби, коментира Франција
Исланд нема што да изгуби ако ги отвори преговорите за членство со Европската Унија, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро пред референдумот на Исланд за ова прашање кој треба да се одржи на 29 август, пишува „Еуроњуз“.
Препорачано
Исланѓаните ќе одлучат дали да го продолжат процесот на пристапување што нивната влада го суспендираше во 2015 година, шест години откако земјата аплицираше за членство предизвикан од финансиската криза.
„Гласањето на 29 август не пресудува ништо. Исланд апсолутно нема што да изгуби од преговорите со Европската Унија“, рече Баро за време на денешната посета на Рејкјавик.
Министерката за надворешни работи на Исланд, Катрин Гунарсдотир, изјави дека поддршката на ЕУ за Гренланд, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја изрази својата намера да ја преземе контролата врз таа данска територија, му ја покажа на Исланд вредноста на членството во Унијата.
„За нас беше важно да видиме колку решително Европската Унија интервенираше, го искористи своето влијание и застана на страната на Данска и Гренланд во ова прашање“, изјави Гунарсдотир пред новинарите.
Министерката истакна дека Исланд го гледа влезот во Европската Унија како зајакнување на сопствената безбедност. Таа објасни дека земјата е членка на НАТО, но нема постојана армија и се соочува со потенцијални закани од Русија.


