Собир на граѓани во Струмичко, фото: „Здрава котлина“

Екоактивисти бараат Владата да ги поништи одлуките за истражувања на минерални суровини

„О2 Иницијатива“ и „Здрава котлина“ доставија официјално барање до Владата со цел, како што велат, итно и брзо да постапи по службена должност и да ги огласи за ништовни двете свои одлуки за доделување концесии за проспекциски геолошки истражувања на металични минерални суровини во Источна Македонија.

„Владата има законска обврска да постапи по службена должност во рок од 15 или 30 дена, зависно како го третира барањето“, посочуваат организациите.

Ова доаѓа само по една недела откако „О2 Иницијатива“ и „Здрава котлина“, заедно со уште 24 други организации и иницијативи, побараа од Владата итно да ги поништи или стави вон сила сите одлуки и јавни повици од декември 2024 наваму за концесии за просторите „Север–Североисток“ и „Исток“.

Организациите предупредуваат дека, ако постапките продолжат, веќе на 6 август е предвидена електронска аукција за доделување на концесиите. Според нив, проблемот не е само во обемот на територијата што е опфатена, туку и во фактот што голем дел од неа веќе бил предмет на различни видови геолошки истражувања или концесии. Тврдат дека анализите покажуваат оти од 2004 година наваму речиси целосно биле опфатени со концесии териториите на повеќе источни општини. Со двете владини одлуки се опфатени вкупно 29 општини.

Во доставеното барање организациите наведуваат дека предложените полигони се преклопуваат со простори кои веќе биле истражувани, со подрачја за кои се воделе или сè уште се водат постапки за детални геолошки истражувања, како и со важечки концесии за експлоатација на минерални суровини. Поради тоа сметаат дека не се исполнети законските услови за отворање нови постапки.

Од „Здрава котлина“ веќе порачаа дека „време е за будност и за отпор“.

„Ова е повик за сплотеност, будност и долгорочен отпор против рударските јаничари во владата кои се дрзнаа повторно со одлука на Влада да издадат и продадат македонската земја на светските рудари и да ја направат колонија заради пари на поединци во врвовите на политичките партии. Додека обичниот народ се бори за пристоен живот, чист воздух и за заштита на сопствениот имот, луѓето во фотелјите со еден потпис решаваат да ја претворат нашата татковина во рударско решето“, реагираa од еколошката организација.

Владата издава нови рударски концесии во цела источна Македонија — „Здрава котлина“ порачува: Време е за отпор

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот