ФОТО | Приказна што ќе ви ги стопли срцата — единаесетгодишно момче им чита приказни на кучиња во засолниште
Единаесетгодишниот Нехемаја Тарнер од Флорида стана првото дете кое собра 100 часа читање на животни во рамките на програмата „Pawsitive Reading“ на „Хуманото друштво во Џексонвил“, чија цел е да им помогне на кучињата и мачките во засолништето да се чувствуваат посмирено додека чекаат да бидат вдомени.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во изминатите две години, со поддршка од својата баба, Нехемаја редовно ги посетувал животните и им читал книги, со надеж дека тоа ќе им го намали стресот и ќе им помогне побрзо да ги пронајдат своите трајни домови.
„Тоа е смирувачко, убаво чувство. Животните се поспокојни и не лаат постојано“, изјави Нехемаја за локалниот медиум „Екшн њуз џекс“.
Момчето си поставило цел да достигне 100 часа читање уште кога се приклучило на програмата во 2024 година. За секој достигнат волонтерски праг учесниците добиваат налепници со шепи за своите значки, а по исполнувањето на 100 часа Нехемаја добил и специјален сертификат потпишан со златно мастило.

Тој открил дека најмногу сака да им чита на кучињата, бидејќи верува дека неговите приказни им помагаат да останат мирни и да бидат побрзо вдомени. Едно од неговите омилени кучиња било Хопер, на кое му читал при секоја посета сè додека не било вдомено, по речиси 400 дена поминати во засолништето.
Главниот извршен директор на Хуманото друштво во Џексонвил, Лоренс Николас, изјави дека посветеноста на Нехемаја станала инспирација за целата заедница.
„Приказната на Нехемаја совршено ја отсликува нашата основна вредност – дека дарежливоста создава радост. Во време кога сè повеќе сме зависни од екраните, едно момче тивко си постави цел да им помогне на бездомните животни читајќи книги и со тоа ја инспирираше целата заедница“, рече Николас.
Тој додаде дека организацијата е исклучително горда на Нехемаја и благодарна за придонесот што тој, како и сите учесници во програмата, го даваат во грижата и вдомувањето на животните.


