Ѓорѓиевски по страотното невреме: Кризниот штаб е мобилизиран, службите ќе работат цела ноќ
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија се целосно мобилизирани по силното невреме што го зафати главниот град.
Препорачано
„Заедно со Кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија сме на терен“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека сите надлежни служби се ставени во функција за брза интервенција и заштита на граѓаните.
Од Град Скопје соопштија дека е воспоставена постојана координација со Центарот за управување со кризи (ЦУК), Министерството за внатрешни работи, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и останатите надлежни институции.
„Сите расположливи капацитети се ставени во функција, со цел спречување на поголеми штети и последици од невремето“, се наведува во соопштението.
Екипите на градските јавни претпријатија ќе останат на терен во текот на целата ноќ и ќе интервенираат на сите локации каде што ќе има потреба.
Градоначалникот упати апел до граѓаните да бидат внимателни, да ги следат препораките на надлежните институции и да соработуваат со службите на терен.
Граѓаните на кои им е потребна помош или се соочуваат со итна состојба, можат да се јават на телефонскиот број: +389 78 207 687
„Службите се мобилизирани. Екипите се на терен. Граѓаните не се сами“, порача Ѓорѓиевски.
ФОТО+ВИДЕО | Бесно невреме удри врз Скопје — орканскиот ветер корнеше покриви, кутна стотици дрвја


