Долгорочни последици од долгорочно пиење фекалии – тешко ќе се исчистат цевките, а здравјето на гостиварци ќе трпи

Оваа количина на загадување е сериозна. Треба да се направи дезинфекција и испирање на резервоарите, на преливната комора, мрежата да се подели на сегменти, секој дел посебно да се хлорира и испира, а постојано да се земаат примероци сè додека анализите не покажат дека водата е безбедна – вели за „Слободен печат“ инженерот и експерт за јавна инфраструктура Дејан Димовски.

Со денови пиеле фекалии од чешмите, 48 пати над дозволеното, а сега следува долга и неизвесна борба со последиците. Скандалот со загадената вода во Гостивар отвори сериозни прашања за одговорноста, но и за долгорочните здравствени ризици за илјадници граѓани откако беше откриено дека најмалку 22 дена пиеле вода со фекалии која била вбризгувана во водоводните цевки од канал каде што течела канализацијата од куќите од гостиварското село Вруток, каде што се наоѓа изворот од каде гостиварци пијат вода.

Експертите предупредуваат дека гостиварци за брзо нема да имаат чиста вода, со оглед на тоа што загадувањето на мрежата е огромно. Следува долг и сложен процес на дезинфекција, испирање и контрола на целиот водоснабдителен систем, додека последиците од консумирањето вода загадена со фекалии може да се чувствуваат и во наредниот период.

– Оваа количина загадување е сериозна. Треба да се направи дезинфекција и испирање на резервоарите, на преливната комора, мрежата да се подели на сегменти, секој дел посебно да се хлорира и испира, а постојано да се земаат примероци сè додека анализите не покажат дека водата е безбедна – вели за „Слободен печат“ инженерот и експерт за јавна инфраструктура Дејан Димовски.

Официјално: гостиварци пиеле фекалии од чешма од 26 јуни до 16 јули – водата содржела 48 пати повеќе колиформни бактерии од дозволеното

Мешањето на отпадна и вода за пиење не е здраворазумно

Тој објаснува дека во процесот ќе треба да помогне и населението, со испуштање вода од домашните инсталации, бидејќи загадувањето не се наоѓа само во главниот водоводен систем, туку и во цевките, бојлерите и другата опрема што била во контакт со контаминираната вода.

– Има и други работи за кои ќе треба да се размислува, како на пример каква вода користеле институциите, меѓу кои и болницата во Гостивар, во периодот додека траел проблемот – предупредува Димовски.

Гостиварци освен со стомачни тегоби може да се соочат со хронични здравствени проблеми што ќе ги носат цел живот.

– Пиењето вода загадена со фекалии освен акутните симптоми, остава сериозни долгорочни последици врз цревниот микробиом, предизвикувајќи трајна дисбиоза (нарушување на рамнотежата на бактериите). Патогените бактерии како ешерихија коли, салмонела и гиардија ја уништуваат корисната микрофлора, што може целосно да го смени нејзиниот состав. Штетните долгорочни последици вклучуваат: хронично воспаление и синдром на пропустливи црева, долготрајни дигестивни проблеми како синдром на иритабилно дебело црево (IBS) и хронична дијареја, колонизација со супербактерии отпорни на антибиотици преку внесување резистентни гени од отпадните води, нарушен имунитет и зголемен ризик од автоимуни и метаболички заболувања, влијание врз менталното здравје преку оската црева-мозок поради намалено производство на невротрансмитери – објави на Фејсбук, докторот Милан Ристески.

За Димовски не е здраворазумно да се меша отпадната со водата за пиење и не е дозволиво.

– Тие си имале идеја најверојатно да си го зголемат притисокот, летно време има поголема потрошувачка, имале проблем со стабилно водоснабдување и на крајот решиле да искористат некој канал во Вруток. Во таа вода, монтирале пумпи ја преземале водата од каналот и ја инјектирале, според тие извештаи што сега ги читам од Јавното обвинителство, во преливна комора. На тој начин ја измешале валканата вода со чистата вода и, според извештаите тоа било од 25 јуни, не е тоа еден ден, па така тие внеле бактерии што имаат фекално потекло во водата за пиење. Откако сфатиле што направиле, односно почнал наплив на болни луѓе, тогаш веќе пробале со зголемување на дозата на хлор да ги уништат бактериите, но не престанале со вбризгување на таа вода во каналот во преливната комора. На тој начин го предизвикале тоа што го предизвикале односно резултат 48 пати над дозволеното со фекално потекло – објаснува Димовски.

Своите анализи тој ги темели на јавно објавените снимки и фотографии од дивите пумпи и јавните податоци од ЈО дека гостиварци со денови пиеле вода со фекалии 48 пати над дозволените граници, а за што пред суд се изведени в.д. директорката на гостиварски комуналец Артана Асани, техничкиот раководител и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи. Иако од чешмите течеше кафена вода, директорката излезе со изјава дека гостиварци не се затруле од водата, туку од јадење.

Дивиот приклучок поставен на гостиварскиот водоснабдителен систем не се наоѓал во заштитните санитарни зони, туку на околу 800 до 900 метри од последната точка опфатена со дозволата што ја имал „Комуналец“ – Гостивар. Како што кажа директорката на Државниот инспекторат на животна средина, Ивана Гиновска, за овој приклучок што е предмет на истрагата за загадувањето на водата во Гостивар, не е доставено барање до Министерството за животна средина и просторно планирање.

Димовски претпоставува дека пумпите биле ставени таму зашто изворот бил зафатен и е каптиран и со тоа најверојатно се порачува дека изворот не е загаден трајно. А во каналот одела канализацијата од куќите на жителите од Вруток, која стигнувала во чешмите на гостиварци.

– Од она што го слушнав од жителите на Вруток, тие немаат класична канализација, но не им се куќите и на септички јами, туку дека има некој канал во кој оди канализацијата со индивидуални цевки. Секој си извлекувал од својата куќа и претпоставувам дека тоа е собирен канал во кој се движела таква отпадна вода – вели Димовски.

На 29 јуни и 13 јули водата за пиење била безбедна?

Забраната останува во сила сè додека со анализи не се потврди безбедноста на водата, а инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство проверуваат каква вода користат рестораните и кафулињата со оглед на тоа што во полн ек се свадби.

Само три дена пред да се открие дека гостиварци пиеле вода со фекалии, ЦЈЗ Гостивар доставил извештај дека водата може да се пие!

Директорот на Агенцијата Оливер Миланов очекува во најбрз временски рок гостиварци да добијат техничка вода и вода за пиење, а веќе ѝ наложиле на Општина Гостивар дехлорирање и деарсенизација. Но, она што го кажа, а не се совпаѓа со реалната ситуација, е дека АХВ последен пат на 13 јули добила извештај од Центарот за јавно здравје – Гостивар, дека водата за пиење е безбедна.

– Последниот извештај за водата во Гостивар е од 13 јули годинава од Центарот за јавно здравје – Гостивар и тогаш водата била безбедна за пиење – рече Миланов.

Сега се поставува прашањето како бил доставен ваков извештај, ако истрагата на Обвинителството утврди дека во водоводната мрежа диви пумпи вбризгувале вода со фекалии, од која пиеле граѓаните од 25 јуни до 16 јули.

„Тие на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата. На 16 јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи сè уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја – колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем“, соопшти Обвинителството.

„Слободен печат“ објави дека стручно мислење од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Тетово, изработено на 29 јуни годинава, покажало дека „водата одговара на законските и стручните прописи во однос на испитаните параметри за бактериолошка и физичко-хемиска анализа“, а сега се зборува за нов извештај. Испративме прашања до директорката на Центарот, Марија Андоновска дали ќе има одговорност за раководствата на центрите, но одговор не добивме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот