Претседателката Сиљановска-Давкова се сретна со претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, Фото: Кабинет на претседателот

Претседателката Сиљановска-Давкова до колешката Мурму: Највисоките функции се заслужуваат со карактер, а не со привилегии

Претседателката на Индија, Друпади Мурму, порача дека целта е сегашната трговска размена меѓу Македонија и Индија од околу 133 милиони долари да се удвои, додека, пак, Сиљановска-Давкова изрази амбиција таа во иднина да достигне 500 милиони долари.

„Како земја членка на НАТО, чија стратешка цел е членството во Европската Унија, нашата геостратешка положба ни овозможува да водиме повеќедимензионална надворешна политика. Настојуваме да ги продлабочуваме постојните партнерства, но и да градиме нови со земји што ја споделуваат нашата определба за мир, развој и меѓународна соработка. Индија во овој видокруг зазема особено значајно место“.

Ова го порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција во Скопје со претседателката на Република Индија, Друпади Мурму.

Двете претседателки на денешната средба во Скопје, меѓу другото, разговарале и за пошироката меѓународна состојба, во контекст на длабоките геополитички промени што се случуваат.

– Меѓународниот поредок се соочува со еден од најсериозните периоди на неизвесност по завршувањето на Студената војна. Вооружените конфликти одземаат невини човечки животи. Долгогодишните сојузништва се менуваат. Меѓународното право сè почесто е ставено пред предизвикот на логиката на силата, ако воопшто може да се говори за логика на силата, а довербата во мултилатералните институции е ослабена – истакна Сиљановска Давкова.

Според неа, одговорот на слабостите на мултилатерализмот не може да биде помалку мултилатерализам.

— Потребни ни се посилни меѓународни институции, способни да одговорат на современите глобални предизвици — нагласи Сиљановска Давкова.

Таа додаде дека со нејзината индиска колешка се согласиле дека е неопходна реформа на Обединетите нации, со порепрезентативен Совет за безбедност и со посилна улога на Генералното собрание.

Сиљановска-Давкова, обраќајќи ѝ се на Мурму, истакна дека таа како претседателка покажала дека највисоките функции се заслужуваат со карактер, а не со привилегии. Според, неа, станува збор за неверојатно инспиративен пример, не само во индиски, туку и во светски рамки, кој претставува охрабрување за безброј жени и млади луѓе ширум светот да се занимаваат со политика.

Претседателката посочи и дека денешните разговори биле исклучително срдечни, отворени и насочени кон иднината.

„Двете нации се познаваат уште од времето на Југославија“

Таа додаде дека иако оваа посета претставува прв настан на претседателско ниво, пријателството меѓу двете земји не започнува денес. Спомена дека двете нации се познаваат уште во времето на поранешна Југославија, како дел од Движењето на неврзаните, но особено ги поврзува животот и делото на Мајка Тереза.

— Го споменувам ова за да потсетам дека и во времето на Студената војна постоеја иницијативи за дијалог, еднаквост, солидарност и соживот. Се работи за принципи што денес се исто така толку важни. Нашите две нации ги поврзува и исклучителната врска преку една од најголемите хуманитарки што светот ги познава – Света Мајка Тереза. Родена во Скопје, таа својот живот му го посвети на народот на Индија и стана универзален симбол на човечноста. Нобеловата награда за мир и највисокото индиско државно одликување „Бхарат Ратна“ сведочат за длабоката почит и љубов со кои Индија ја прифати. Таа, уште еднаш ќе повторам, претставува духовен мост меѓу нашите два народа — додаде претседателката.

Како што посочи Сиљановска-Давкова, двете претседателки на средбата го поздравиле засилениот интензитет на политичкиот дијалог по министерските размени меѓу Скопје и Њу Делхи и се согласиле дека контактите меѓу владите, министерствата, парламентите и институциите на двете земји треба да станат почести, подобро структурирани и поамбициозни.

„Целта е трговијата да достигне 500 милиони долари“

Сиљановска-Давкова и Мурму разговарале и за економијата на иднината: вештачката интелигенција, дигиталната трансформација, научните истражувања, соработката меѓу универзитетите и новите технологии.

Индиската претседателка најави дека нејзината земја ќе понуди обуки од областа на вештачката интелигенција за македонски граѓани, како и продлабочување на соработката во туризмот, угостителството, фармацевтската индустрија, земјоделството, преработката на храна и аудиовизуелните уметности.

– Сакаме да промовираме подобра трговска и деловна соработка – рече Мурму.

Мурму порача дека целта е сегашната трговска размена од околу 133 милиони долари да се удвои, додека, пак, Сиљановска-Давкова изрази амбиција таа во иднина да достигне 500 милиони долари.

Претседателката оцени дека дошло време економското партнерство да го достигне нивото на политичките односи. Како доказ за институционалната волја за зајакнување на соработката таа ги посочи повеќето договори за кои двете земји во моментов преговараат.

Сиљановска-Давкова го поздрави поактивното присуство на Индија во Западен Балкан и порача дека Македонија, покрај поволната географска положба, може да понуди политичка стабилност, квалификувана работна сила, конкурентна економија, развиени инфраструктурни коридори и олеснет пристап до европскиот пазар.

– Македонија не е само географска раскрсница, туку и земја на идеи, иновации и можности. Имаме импресивен спектар можности што можат да се претворат во конкретни проекти – рече таа пред одржувањето на македонско-индискиот бизнис-форум.

Како области со потенцијал за соработка беа посочени и туризмот и културата. Сиљановска-Давкова ги истакна македонската природа и културното наследство заштитено од УНЕСКО, додека за Индија зборуваше како за земја со исклучително културно наследство, мудрост и иновации – од Хималаите до Индискиот Океан – споменувајќи ја и безвременската убавина на Таџ Махал.

Три иницијативи во кои Македонија ќе се приклучи

Мурму наброја три глобални индиски иницијативи од областа на соларната енергија, биогоривата и традиционалната медицина, за кои добила потврда дека Македонија ќе се приклучи. Таа најави и подарок од индискиот за македонскиот народ – биста на Махатма Ганди, која свечено ќе биде поставена за време на посетата.

Двете претседателки ја нагласиле потребата од доследно почитување на меѓународното право и мирно решавање на меѓународните спорови. Сиљановска-Давкова изрази надеж дека Мурму повторно ќе ја посети Македонија и соопшти дека со задоволство ја прифатила поканата за посета на Индија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот