Директорката Асани, осомничена дека ја загадила водата во Гостивар, се појави во судот со шише чиста вода во рацете
Со шише чиста вода во рацете, директорката на гостиварски „Комуналец“, Артана Асани, попладнево беше изведена пред судија на претходна постапка во Основниот суд во Гостивар. Таа е осомничена дека со своите постапки придонела гостиварци со денови да пијат вода загадена со фекалии.
Препорачано
Освен Асани, пред судија на претходна постапка беа изведени и техничкиот раководител и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи, сите осомничени за „Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење“.
Според Обвинителството, осомничените, како соизвршители на 25 јуни, наложиле поставување три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора на системот за водоснабдување, со цел да го тестираат притисокот на водата. При увидот, извршен на 16 јули, било утврдено дека две од пумпите сè уште биле во функција и преку нив се вршело пренесување вода со штетни материи во системот за вода за пиење.
Само три дена пред да се открие дека гостиварци пиеле вода со фекалии, ИЈЗ Гостивар доставил извештај дека водата може да се пие!
Анализите на Институтот за јавно здравје покажале дека водата од површинскиот канал е многу загадена и неупотреблива за каква било намена, а загадување било констатирано и во примероците од каптираниот извор и од водоводната мрежа, поради што Обвинителството оцени дека постои основано сомнение за сторено кривично дело.
За мерките што ќе им бидат определени на осомничените ќе одлучи судија на претходна постапка. Основното јавно обвинителство Гостивар соопшти дека истрагата продолжува со преземање дополнителни истражни дејствија.


