Набавната цена на бензинот е 48, а се продава по 92 денари и покрај намалувањето на акцизите
Акцизата за бензините е намалена за 1 денар за литар, а за дизелот за 2 денари. ДДВ останува 18 проценти. Има и други елементи…
Крајната цена на нафтените деривати на бензинските пумпи е речиси двојно поголема од онаа по која тие се набавуваат. Ова го покажуваат податоците од Регулаторната комисија за енергетика и по одлуката за времено намалување на акцизата со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните.
Препорачано
Новата цена на бензинот евросупер БС 95 е 90 денар, а неговата набавна цена е 46,5 денари. Евросупер БС 98 на бензинска пумпа се точи по цена од 92 денари, а набавната цена му е 48,3 денари, дизелот се продава за 94, а набавната цена му е 58 денари.
Регулаторната комисија за енергетика ги објави новите цени завчера навечер по завршувањето на вонредната седница на Владата и информираше како ја формирала цената која сепак се зголеми за 3 денари за бензините и за 6 денари за дизелот во однос на цената од 13 јули.
„Со Одлуката за определување на видот на енергентите, временскиот период, како и начинот на пресметка на акцизата, се овозможува да се применат намалени износи на акцизите за 1 денари за литар кај бензините евросупер БС-95 и евросупер БС-98 и намален износ на акцизата за 2 денари за литар кај евродизел (Д-Е V), според членот 92 став 11 од Законот за акцизи, а пресметани според средната дневна берзанска цена на Prem Unl 10ppm на котација „Медитераниан каргос ФОБ (Италија)“ од „Платс Јуропиан маркетскан, за периодот од 1-ви до 15 јули 2026 година и средната дневна берзанска цена на 10 ppm ULSD на котација „Медитераниан каргос ФОБ (Италија)“ од „Платс Јуропиан маркетскан, за периодот од 1-ви до 15 јули 2026 година“.
Во формирањето на крајната цена, која е највисока определена од регулаторот, што значи дека бензинските пумпи може да продаваат и поевтино, содржан е надоместок за трошоци за работење преку склад и трговска маржа, којшто за евросупер БС-95 е во износ од 6,755 денари за литар, за евросупер БС-98 е 6,730 денари за литар, за евродизел БС (Д-Е V) е во износ од 6,842 денари. Набавната цена се надградува и со надоместокот за транспортни трошоци од склад до бензински станици во износ од еден денари за литар за сите нафтени деривати. Надоместокот за финансирање на активностите во областа на животната средина е 0,08 денари за бензините и 0,03 денари за дизелот. Надоместокот за задолжителни резерви за бензините е 0,890, а за дизелот 0,3 денари за литар. Со времената одлука за намалените акцизи, акцизата за бензините е 21 денар за литар, а за дизелот е 13,5 денари за литар. Откако сите овие елементи ќе се додадат на набавната вредност, вклучувајќи ја и акцизата, се пресметува и данокот на додадена вредност. Тој од 1 јуни се врати на 18 проценти откако претходно времено беше намален на 10 проценти.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на својот фејсбук-профил објави дека со интервенцијата во акцизата, се придонесува за стабилизирање на цените на нафтените деривати, а индиректно се одржува стабилноста и на останатите цени.
„Со ваков одговорен пристап ќе продолжиме и во наредниот период. Ќе ја следиме состојбата и ќе носиме навремени, конкретни и реални мерки за поддршка на економијата и на граѓаните, со цел да го заштитиме животниот стандард и да ја зачуваме економијата, која од почетокот на нашиот мандат бележи тренд на забрзан раст“, наведува министерката во објавата.


