Фото: илустрација / EPA/GEORGI LICOVSKI

Во задолжителните резерви има дупка од 600.000 килограми мазут, проблемот осум години не се решава?!

Нерешена позајмица кон Министерството за одбрана од 2017 година значи намалување на залихите на нафтени резерви согласно одлуки со кои значајно се намалени деновите на покриеност со нафтени деривати., утврди Државниот завод за ревизја

Не се доставени предлог-одлуки за количината и структурата на задолжителните нафтени резерви до надлежното министерство за годините 2022, 2023, 2024 и 2025, поради што Владата ги нема донесено потребните одлуки. Ова е една од клучните забелешки од страна на Државниот завод за ревизија по спроведената анализа во Агенцијата за задолжителни нафтени резерви. Ревизорите потенцираат дека финансиските извештаи се добри, но дека имаат резерва за почитување на регулативата. Забелешки имаат и за исплатата на платите, а посебно акцентираат нерешена позајмица од 600.000 килограми мазут за Министерството за одбрана, што ги намалува резервите со овој стратешки значаен енергент.
-Со извршената ревизија за 2024 година изразивме мислење без резерва во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставените политики – велат ревизорите.

Нерешена позајмица на 600.000 тони мазут кон Министерството за одбрана од 2017 година значи намалување на залихите на нафтени резерви согласно одлуки со кои значајно се намалени деновите на покриеност со нафтени деривати.

„Со одлуки на Владата, Агенцијата (тогашна Дирекција за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати) издала краткорочна позајмица од 600.000 килограми мазут од задолжителните резерви на Министерството за одбрана за непречено остварување на функциите на Армијата, со обврска, позајмените количини да се вратат до 31.12.2017 година. Количините и во текот на 2025 година не се вратени од Министерството, поради што за издадените количини, искажано е побарување од Министерството во износ од 16.714.000 денари (271.000 евра н.з.), согласно вредноста на нафтените деривати утврдени со одлука на Регулаторната комисија за енергетика во периодот на нивно издавање“, пишува во ревизорскиот извештај.

Оттаму напоменуваат дека низ годините, од страна на Агенцијата се обиди направени за решавање на состојбите, но количините не се вратени ни по осум години.

„Имајќи предвид дека количините не се вратени скоро осум години, ревизијата укажува на потребата Агенцијата во соработка со Владата и Министерството за одбрана да продолжат со активности за решавање на состојбата со цел намалување на ризиците за одржување на потребното ниво за залихи на мазут, како и ефективно искористување на средствата на Агенцијата за набавка на задолжителните резерви на нафта и нафтени деривати кои Агенцијата ги остварува од наплатениот надомест при нивниот увоз пишува во ревизорскиот извештај каде што е потенцирано „одговорното лице на Агенцијата да продолжи со мерките и активностите за навремено донесување на одлука за количината и структурата на задолжителните резерви за тековната година“.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи на Агенција за задолжителни нафтени резерви на сметката на буџет од самофинансирачки активности (787) за 2024 година, заедно со ревизија на усогласеност. Со извршената ревизија за 2024 година изразивме мислење без резерва во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.

За исплатата на прекувремена работа во Агенцијата за задолжителни нафтени резерви, состојбата е според среќа. Ревизорите утврдиле дека евиденцијата за прекувремена работа не е целосна: за дел од вработените постојат податоци за реализирани прекувремени часови, додека за други таква евиденција не е обезбедена. Ревизорите утврдиле и дека исплатата на плати и надоместоци на плати се врши врз основа на бодови кои се повисоки од утврдените со Законот за административни службеници.

Финансиските извештаи се одговорност на раководството на Агенцијата, застапувано од: – Уљси Бекири – в.д. директор од 22.02.2022 година до 30.07.2024 година – Неџмедин Садики – в.д. директор од 30.07.2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ