ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Смилевска: Ако отечен лимфен јазол не се повлече за две недели, веднаш на лекар
Лимфаденопатијата, односно зголемувањето на лимфните јазли, најчесто е последица на инфекција и во најголем број случаи не претставува сериозна состојба. Сепак, понекогаш може да биде првиот знак на хематолошко или друго малигно заболување, предупредува д-р Татјана Смилевска, специјалист по хематологија од „Аџибадем Систина“, во емисијата „Медицинско катче“.
Препорачано
– Терминот лимфаденопатија се однесува на заболувања и состојби кои ги зафаќаат лимфните жлезди и доведуваат до промена на нивната големина, конзистенција или број. Наједноставно кажано, тоа се зголемени лимфни јазли – објаснува д-р Смилевска.
Во човечкото тело има околу 600 лимфни јазли, но при преглед можат да се напипаат само оние на вратот, под пазувите и на препоните. Останатите се проценуваат со дијагностички методи како ултразвук, рендген, компјутерска томографија или магнетна резонанца. Според докторката, најголем дел од случаите се поврзани со вирусни или бактериски инфекции, габични и паразитарни инфекции.
Во такви ситуации лимфните јазли најчесто се повлекуваат во рок од една до две недели.
– Меѓутоа, постојат и сериозни причини за лимфаденопатија. Тоа се хематолошките малигни заболувања, како што се Хочкинов лимфом, не-Хочкиновите лимфоми, хроничната лимфоцитна леукемија и акутната лимфобластна леукемија. Лимфните јазли можат да бидат зафатени и со метастази од други видови рак – вели таа.
Секој отечен лимфен јазол значи рак. Д-р Смилевска нагласува дека пациентите често непотребно се вознемируваат.
– Инфективната мононуклеоза, на пример, многу често се презентира со изразено зголемени лимфни јазли и пациентите знаат да се исплашат дека станува збор за малигно заболување. По соодветните анализи и консултација со инфектолог, најчесто се покажува дека станува збор за бенигна состојба – објаснува таа.

При првиот преглед, најважна е деталната анамнеза. Лекарот треба да утврди кога се појавил лимфниот јазол, дали расте или се намалува, дали е болен на допир, дали пациентот има температура, ноќно потење, необјаснето слабеење или чешање на кожата без видлива причина.
– Болно чувствителните лимфни јазли најчесто се реактивни и се јавуваат како одговор на инфекција или воспаление. Многу поважна е нивната конзистенција, дали се фиксирани за околното ткиво и дали продолжуваат да растат – вели докторката.
Во зависност од клиничката слика, лекарот може да препорача крвна слика, седиментација, вирусолошки и серолошки испитувања, тестирање за Епштајн-Бар вирус, ултразвук или други снимања. Според Смилевска секој лимфен јазол што трае повеќе од две недели без јасна причина, треба дополнително да се испита.
– Ако лимфаденопатијата не се повлекува и не знаеме што ја предизвикува, задолжително треба да се размислува за биопсија – истакнува д-р Смилевска.
Првиот чекор обично е тенкоиглена биопсија, која дава насока, но не поставува конечна дијагноза. Златен стандард и понатаму останува хируршката биопсија, односно вадење на цел лимфен јазол за патохистолошка и имунохистохемиска анализа. Кај длабоко поставени лимфни јазли се користи кор-биопсија, која се изведува под контрола на компјутерска томографија.
Лимфаденопатијата може да се појави на која било возраст.

– Реактивните лимфни јазли поради инфекции се јавуваат и кај деца и кај возрасни. Одредени хематолошки заболувања се почести кај млади пациенти, а други кај повозрасни, но нема возраст што е целосно поштедена – објаснува докторката.
Д-р Смилевска советува пациентите да не паничат, но ниту да ја игнорираат појавата на зголемен лимфен јазол.
– Најдобро е најпрво да се јават кај матичниот лекар или директно кај хематолог. Со клинички преглед, лабораториски анализи и, ако е потребно, биопсија, може точно да се утврди причината и навреме да се започне соодветен третман. Не секој зголемен лимфен јазол е знак за сериозна болест, но секој што трае подолго треба да биде испитан – порачува д-р Татјана Смилевска.


