ВИДЕО + ФОТО | Урнати дрвја, бандери и искршени возила по невремето во Струмица, Радовиш, Делчево и Куманово
Силно невреме проследено со пороен дожд и силен ветер синоќа зафати повеќе општини во Македонија, предизвикувајќи материјални штети и проблеми во сообраќајот. Најпогодени беа Струмица, Радовиш, Делчево, Дојран и Куманово, каде беа урнати дрвја, бандери и оштетени електрични водови. Некаде беа уништени и возила.
Препорачано
Во Струмица, регистирани беа пожари на штала во село Висока Маала и на сува трева во Муртино, додека пожарникарите реагираа за да се отстрани паднато дрво во Ново Село.
„Апелираме до сите граѓани да бидат внимателни по невреме, да избегнуваат движење во близина на оштетени дрвја, електрични водови и други потенцијално опасни места, а секој забележан пожар или опасност веднаш да го пријават на 112 или 193“, соопштија од Противпожарната единица на Струмица.
Силното невреме што го зафати Делчево предизвика материјални штети на повеќе локации, при што најсериозно беше оштетен покрив на објект. Зафатени беа и лимени кровови во населбата Расадник и во централното градско подрачје. Воедно, невремето ја оштети и електроенергетската инфраструктура, заедно со неколку бандери во повеќе населби. Оштетени беа и лимени покриви во населбата Расадник и во централното градско подрачје, каде екипи на Територијалната противпожарна единица Делчево интервенираат за нивно безбедно отстранување поради фреквентноста на локацијата.
„Дел од жителите, меѓу кои и деца, се безбедно евакуирани. Поради паднати дрвја на повеќе патни правци, во расчистувањето се вклучени Територијалната противпожарна единица, Центарот за управување со кризи, како и екипи со специјализирана механизација“, изјави градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.
Во Куманово ветерот турнал неколку дрвја на различни локации, меѓу кои „Благоја Илиев Гуне“, „Лесковачка“ и „Октомвриска револуција“.
Ветерот турнал и покрив од лим на улицата „Лесковачка“ и дрво на автопатот кон Скопје во близина на бензинска станица пред наплатна рампа Романовце, како и на стариот пат за Свети Николе.
Невремето во Стар Дојран откорна десетици повеќегодишни дрвја на повеќе локации. Паднати беа јавори и борови, багреми и црници, а воедно беа оштетени натстрешници, урбана опрема на плажата, неколку возила, како и покривот на еден од дуќаните на градскиот пазар.
Во Општина Ново Село локалните власти апелираа на особено внимателно возење, бидејќи на повеќе патни правци има паднати дрвја и пречки на коловозите. Во Радовиш пожарникарите интервенираа за расчистување на улиците, а изгаснаа и пожар на објект во селото Подареш, предизвикан од искри од оштетени електрични жици.


