Ана Анастасовска. / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Чешма со прашања

Случајот со водата во Гостивар отвори прашања што се многу поголеми од самата причина за загадувањето. Кој згрешил? Кога е направен пропустот? Дали некој знаел дека постои ризик и не реагирал навреме? Одговорите на овие прашања треба да ги даде истрагата. И се надеваме дека ќе ги даде, дека целата приказна нема да заврши со „кабелот е крив“.

Македонија е една од државите во која граѓаните пијат вода од чешма, за разлика од многу земји каде што флашираната вода е секојдневие. И тоа е привилегија. Македонија е држава богата со планински извори, подземни води, акумулации и има традиција на водоснабдување од природни извори. И наместо да сме благодарни за ова богатство, да го негуваме и чуваме, нам ни се случува Гостивар. Таман кога ќе помислиме за нешто дека од „ова побетер нема“, властите нè изненадуваат со нови, полуди работи.

Гостивар се соочува со епидемија и здравствена криза предизвикана од загадена вода за пиење каква што државата и регионот не паметат. Над 3.000 луѓе со стомачни тегоби се пријавиле во болница за релативно краток период од неколку дена. И тоа се официјалните бројки. Којзнае уште колку има што седат дома и се лекуваат сами.

Според она што досега се знае, на 26 јуни биле поставени три нелегални пумпи поврзани со главниот водоводен систем. Се сомнева дека преку нив во системот навлегувала загадена вода. Анализата на мострите од земената вода утврдила присуство на колиформни бактерии во концентрации значително над дозволените граници. Утврдено е и присуство на хлор повеќе од дозволеното. Загадувањето траело во периодот од 26 јуни до 16 јули. Цели 20 дена гостиварци пиеле вода со фекалии и отров. Директорката на гостиварски „Комуналец“, пак, ја убедуваше јавноста дека спорните пумпи не биле користени за снабдување на градот со вода и оти тие биле пуштени само неколку часа на 25 јуни, како дел од некакво тестирање, а водата што била испумпана не влегла во водоводната мрежа, туку била испуштена во реката Вардар. Таа дури се обиде да ја убеди јавноста дека пумпите не биле причина за зголемениот број заразени луѓе, туку храната и летното време довеле до тоа да се наполнат болниците.

И тоа можеби ќе поминеше во јавноста ако некој не го вклучеше алармот. Можеби задоцнето, но сепак се вклучи. Дури откако бројот на заболени почна да расте и до Обвинителството пристигнаа пријави од граѓани и информации од МВР, беше нареден вонреден инспекциски надзор. На 17 јули Агенцијата за храна и ветеринарство, по известување од јавен обвинител од ОЈО Гостивар, влезе во системот за водоснабдување во Вруток и започна проверка што подоцна ги отвори сомнежите за нелегални интервенции во водоводната мрежа.

Случајот со водата во Гостивар отвори прашања што се многу поголеми од самата причина за загадувањето. Кој згрешил? Кога е направен пропустот? Дали некој знаел дека постои ризик и не реагирал навреме? Одговорите на овие прашања треба да ги даде истрагата. И се надеваме дека ќе ги даде, дека целата приказна нема да заврши со „кабелот е крив“.

Уште сега е јасно дека кога илјадници граѓани ќе се разболат поради нешто што секој ден го внесуваат во својот организам, проблемот веќе не е само технички. Тој станува прашање на јавна одговорност. Во вакви ситуации најлесно е прстот да се впери кон едно име или една институција. Но, вакви слични случаи во светот покажуваат дека најчесто станува збор за низа пропусти.

Во канадскиот град Вокертон, во 2000 година, загадена вода со бактеријата ешерихија коли предизвика епидемија во која се разболеа илјадници луѓе, а имаше и починати. Локалните оператори со водоводот немале соодветна обука, не вршеле редовно хлорирање и намерно ги прикривале лошите резултати од тестирањата на водата. Но, во случајот со Вокертон истрагата не застана само на констатацијата дека се случила несреќа. Беа утврдени конкретни пропусти, имаше судски процеси, имаше одговорност, имаше реформи.

Во Гостивар допрва треба да се утврди кој, кога и како згрешил. Јавноста има право да бара одговори, но и да ги добие. Граѓаните имаат право да знаат, не само дали и кој ќе биде обвинет, туку и кој систем дозволил ризикот да остане незабележан или непријавен.

Одговорноста не значи само некој да биде казнет ако се докаже вина. Одговорноста значи и институциите да признаат ако имало слабости, да ги поправат и да покажат дека научиле нешто, со цел во иднина да не се повторуваат вакви ситуации.

Граѓаните имаат право на безбедна вода. Тоа не е привилегија, туку основно право. А кога тоа право ќе биде доведено во прашање, најважно не е само да се најде виновникот, туку да се изгради систем во кој истата грешка нема да може повторно да се случи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот