ДУИ, албанска опозиција Фото. Фејсбук Рина Ајдари

Ахмети ги дочека своите пет минути во Собранието

Од владејачкото мнозинство признаваат дека немаат Бадентер, но додаваат дека „работат“ на зголемување на бројот на пратеници од заедниците. Сепак, ни договорот за партнерство меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДПТ на власта не ѝ обезбедува Бадентерово мнозинство, а албанската опозиција игра токму на таа карта игра и не дозволува законите за кои е потребно двојно мнозинство да поминат во Собранието.

ДУИ целосно ги блокира законите за кои е потребно Бадентерово мнозинство така што во Собранието, освен Законот за правична застапеност, остануваат заглавени и пакет-законите за високо образование. Извесно е дека Собранието овие закони нема да ги донесе до летниот одмор во август, а можно е да останат заглавени и до крајот на мандатот на актуелниот собраниски состав ако владејачкото мнозинство не се „испазари“ со опозициски пратеници од заедниците за да обезбеди Бадентерово мнозинство.

Опозициските партии на Албанците, пак, токму преку блокадата на законите за кои е потребно двојно мнозинство на јавна сцена докажуваат дека тие, а не Вреди, го имаат легитимитетот да ги претставуваат Албанците.

Од владејачкото мнозинство признаваат дека немаат Бадентер, но додаваат дека „работат“ на зголемување на бројот на пратеници од заедниците. Премиерот Христијан Мицкоски при реконструкцијата на Владата се пофали дека кон владејачкото мнозинство се приклучила и Демократската партија на Турците (ДПТ). Ова значи дека пратеникот Бејџан Илјас веќе го бројат на свое конто кога станува збор за Бадентеровото гласање. Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека деновиве го очекуваат предлогот од Владата Зулфиќар Зејнула да биде номиниран за министер во кабинетот на Мицкоски. Сепак, ни договорот за партнерство меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДПТ на власта не ѝ обезбедува Бадентерово мнозинство. Во актуелниот пратенички состав има 39 пратеници што гласаат според Бадентеровиот принцип од кои власта располага со околу 15 пратеници од заедниците.

Комисија за образование Фото: Принтскрин

Но, токму на таа карта игра албанската опозиција и не дозволува законите за кои е потребно двојно мнозинство да поминат во Собранието. Поради тоа не успеаја акробациите на власта да го одложат гласањето за законот за правична застапеност и повлекувањето на законите за високо образование од 111 седница и повторното предлагање на пакет-законите за образование на нова 115 седница бидејќи ДУИ, Алијанса за Албанците и Албанска лига тоа го искористија и со процедурални забелешки ги блокираат седниците.

Надмудрувањето меѓу власта и опозицијата за законите со двојно мнозинство дополнително ги крева тензиите во Собранието и на пленарните и на седниците на работните тела. Откако власта под притисок на ДУИ беше принудена законите за високо образование да ги повлече и од 115 седница и да ги закаже за 116 седница закажана за в четврток, денеска на раб на инцидент помина расправата на Комисијата за образование.

Претседателката на комисијата Иванка Василевска ја прекина седницата и даде пауза откако изреагира дека пратеникот од европскиот фронт Сали Мурати ѝ упатил, како што рече, лична навреда. Мурати, пак, во долгото процедурално обраќање укажуваше на повреда на Деловникот од страна на власта.

– Пратениците ништо не знаат што пишува во законите. Наместо три дена, ни дадовте еден час за да ги разгледаме материјалите за предлог-законот за високо образование, за предлог-законот за обезбедување квалитет во високото образование и наука и за предлог-законот за научноистражувачка дејност. Ова е деловнички апсурд. И повторно нема образложение за итноста на постапката – рече Мурати.

На ова жестоко реагираше Васеливска, која стана од столчето за претседавач на Комисијата.

– Направивте лична навреда, тргнете се од говорницата – викаше Василевска кон Мурати.

Сали мурати Фото: Принтскрин

Ситуацијата во салата се вжешти и повеќе пратеници довикуваа од место, а Мурати возврати дека не ја навредил туку дека ја боли вистината бидејќи тој ја говори токму вистината.

– Непочитување, ме прави техничка секретарка – рече Василевска и прогласи пауза на работата на Комисијата.

Претходно Мурати во процедурално обраќање рече дека откога власта почнала со „игрите“ за законите за кои е потребно Бадентерово мнозинство, односно од минатиот петок на 111. седница тој нотирал 18 повреди на Деловникот.

– Заедно со претседателот на Собранието Африм Гаши не го почитувате Деловникот при закажувањето на пленарната седница, нема образложение за итност на седницата, ниту еднаш не е почитуван ниеден рок. На фамозната 111. седница направивте шест повреди на Деловникот. Во салата имаше 90 пратеници од кои 30 пратеници од заедниците и беа исполнети сите услови за да се гласа законот за правична застапеност. Но, претседателот на Собранието одби да пристапи кон гласање, бидејќи немате Бадентерово мнозинство. Тој не определи ниту ден и час за гласање. Со часови реагиравме, но седницата остана незатворена и тоа е дел од вашата стратегија. Потоа ги повлекувате трите закони за високото образование бидејќи немате Бадентерово мнозинство и ги ставате на нова седница. Со повлекувањето се блокира гласањето за законот за правична застапеност. Вие со месеци нема да гласате за овој закон зашто не ви оди во прилог. При повлекувањето не дадовте образложение зошто ги повлекувате – рече Мурати.

Василевска го опомена Мурати да не држи лекции за Деловникот, да поентира и да заврши со процедуралното обраќање.

Мурати продолжи и обвини дека во „игрите“ за законите се вклучило и Министерството за образование бидејќи се согласило да се повлечат законите и повторно да бидат предложени без каква било измена.

– Министерството се замеша во политиката наместо да им служи на сите граѓани. Деловникот признава повторно поднесување на законите, но за да се направат суштински измени. Законите ги повлековте и за 46 минути повторно ги предложивте. Гаши не ги разгледа законите, а може во нив на пример да се вметне нешто противуставно – рече Мурати.

По кавгата и паузата на Комисијата помина потребата за законите за високо образование, а ДУИ најави амандмани.

 Василевска од ВМРО-ДПМНЕ: Сите пратеници сме добри и чесни луѓе

Откако претседателката на Комисијата Василевска се искара со пратеникот Мурати и го обвини за лична навреда, по паузата се смирија тензиите и двајцата се извинија.

Иванка Василевска Фото:Фејсбук

– Понекогаш работата во Собранието делува поинаку однадвор отколку што е внатре и одредени разлики помеѓу политичките партии создаваат тензија и недоразбирање. Но ние сме човечки битија што со своите емоции и реакции во политиката ја менуваат стерилноста дека Собранието само формално ја врши работата. Но вистината е поинаква, сите 120 пратеници сме добри и чесни луѓе, сакаме да нема недоразбирања – рече Василевска и му даде збор на Мурати.

Пратеникот рече дека ако бил погрешно разбран, нема проблем да се извини и дека целта му била да укаже дека треба да се почитува Деловникот. Тој најави дека за повредата на Деловникот можно е да бара утврдување на уставноста, дека за тоа ги известиле дипломатските претставништва. Тој побара претседателката на Комисијата писмено да му одговори дали има решение за свикување на 116. седница и образложение за итноста и побара комисиската расправа да се одложи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот