ФОТО | Кумановски археолози открија светилиште старо 2.400 години кај Младо Нагоричане — најдоа сад со лик на древна божица
Уникатен археолошки сад, кој се претпоставува дека е со ликот на божицата Деметра, е откриен на локалитетот Градиште кај Младо Нагоричане, кој дополнително го потврдува постоењето на ритуално светилиште во античката населба од 4 и 3 век пред нашата ера, соопштија од Музеј Куманово по завршувањето на овогодишните археолошки истражувања.
Препорачано
„Ископувањата беа концентрирани на секторот Долна тераса, каде што, пред неколку години, пронајдовме конструкции oд 4 век пр.н.е., всечени во карпа како и камени конструкции во вид на тумули, под кои пронајдовме големо количество вотивни садови, мали јами и ритуален сад за вода до нив. Тоа сугерираше дека на тој простор се вршени ритуални дејствија, и поради тоа оваа година ископувањата беа продолжени таму. Непосредно источно до откриениот тумул, откривме ѕидови од градба во која имаше повеќе фрагменти од питоси и други стоваришни садови. Но ритуалниот карактер на просторот ни го потврди наодот на питос (голем сад) кој на своето устие има декорација од отпечатоци од прстен, на кој има претстава на женско божество – Деметра(?), која држи рог на изобилие во едната рака, а со другата прави либација (течна жртва) со кантарос врз триножник“, соопштија од Музеј Куманово.
Јужно од овој простор, откривме дел од ограден ѕид, кој, како што велат, го одделувал просторот за обреди од остатокот од населбата. Меѓутоа, непосредно до ѕидот, пронашле остатоци од помала просторија, која според археолозите укажува на активности поврзани со симпозиуми или ритуални јадења.
„Имено, покрај големото количество на наоди од животински коски – диви свињи, кози и слично, имаше и големо количество на трпезна керамика од 4-3 в.пр.н.е“, велат оттаму.
Според нив, особено значајно е што пронашле подлога – лежиште, која веројатно била користена за поставување маса, како и уникатни остатоци од декорација од кревет, со претстава на божество.
„Божеството држи фијала во раце (ритуален сад за либација) и лежи на клине (кревет) – веројатно е дел од поголема, симпозиумска поворка од божества“, посочуваат археолозите.
Иако наодите се луксузни и уникатни, велат тие, градбата е прилично скромна. Имено, посочуваат дека просторот од источната страна е заграден со два големи триаголни камења, зад кои е поставен ѕид кој ја оградува просторијата од исток, додека од север таа улога ја има оградниот ѕид.
„Поради сето тоа, веруваме дека и оваа просторија е поврзана со ритуалите кои се вршени во теменосот – можеби за ритуални јадења, слично на светилиштето на Деметра и Персефона на Коринт. Во секој случај, големиот број на импортирана керамика, како и остатоците од луксузно украсениот кревет за кој нема многу паралели (слични декорации се наоѓани во богатите гробови од периодот на 4-3 в.пр.н.е. во Пела, како и во кралските гробови од Ајга/Вергина), повторно го потврдуваат високиот степен на развиток на оваа населба. Ѕидовите украсени со боен малтер во градбата со перистилен двор истражена претходните години, остатоците од импортираните амфори и украсените керамички садови, зборуваат за развиена трговија и целосна вклученост во цивилизациските текови од македонското кралство од 4-3 в.пр.н.е“, соопштуваат од Музејот.
Оттаму најавуваат дека следните истражувања ќе бидат фокусирани на доистражување на градбите кои ги откриле оваа година и евентуалното постоење на храм во овој дел на локалитетот.


