Шест килограми домати за едно еспресо: земјоделците продаваат зеленчук со загуба
Производната цена на доматите е најмалку 20 денари без да се смета вложениот труд, велат земјоделците. Прогнозите се дека ќе успеат само оние што имаат поголеми ниви
Домати по 60 денари, краставици по 40 денари, морков по 60 денари, пиперки по 60 и по 70 денари за еден килограм, но и акција од три килограми за 100 денари… Ова се денешните цени на Зелениот пазар во Скопје, кој важи за еден од поевтините. Купувачите конечно може да набават евтин зеленчук, но дали со вакви цени земјоделското производство им е исплатливо на земјоделците?
Препорачано
Производителите на зеленчук го даваат своето производство на големо од нива по многу пониски цени од оние што се на пазар. Еден килограм домати се продава за само 15 денари!
– Вчера дојдоа и ми ги откупија доматите за свежа консумација по 15 денари за килограм. Нашата производна цена е најмалку 20 денари. Колку е точно, тоа зависи индивидуално од големината на насадот, примената на агротехничките мерки, видот на ѓубривото што се користи. Факт е дека сè поскапи за да се произведе доматот – и нафтата и ѓубривата и работната рака. Но, ние во овие пресметки не ја ни ставаме нашата работна рака – објаснува за „Слободен печат“ Ристо Велков од Агросојуз од Струмица.
Голем наплив на зеленчук од Албанија
Велков смета дека ниските откупни цени на доматите се поради големиот увоз на домати од Албанија.
– Има голем наплив на зеленчук од Албанија. Таму предност се климатските услови. Кај нив веќе е втора реколта, а кај нас е првата. Во вакви услови, нашиот зеленчук се продава по пониски цени – вели Велков.
Тој смета дека во иднина ќе опстојат само оние што имаат барем еден или два декара земја што ја обработуваат.
– Годинава доматите имаат ниска цената, но лани имавме добра година. Од нива, прво продававме по 35 до 40 денари, но на крај јас завршив со цена од 50 денари за еден килограм. Тие што обработуваат поголема земја, годинава со парите што ги спечалија лани, може да ја покријат и годинешнава загуба. Но, некој мал земјоделец не може да опстои и затоа многу и се откажуваат – вели Велков.
Но, во однос на пиперките, тој смета дека сегашната цена е исплатлива. На големо, од нива се откупува по 30 денари за еден килограм.
– Трошоците и работата со пиперките се помали отколку за доматите – објаснува Велков, но стравува за цената на ајварката, за која пазарот допрва ќе се утврдува.
Сега стигнува втората реколта на краставиците, а продажната цена од нива е по 25 денари.
– Како за втора реколта оваа цена е ниска. Ниска е и цената на лубениците, кои ни ги откупуваат по 5-6 денари за еден килограм. Многупати сум кажал, во државава недостига земјоделска стратегија. На клучните позиции нема луѓе што навистина го познаваат земјоделството – нагласи Велков.
„Не може да не те заболи душата“
Ниската откупна цена на доматите ја актуализира и македонскиот поет Дарко Лешоски, кој направи споредба дека „шест килограми од најубавите домати на светот се продаваат колку едно еспресо во кафуле“.
„И не може, не може да не те заболи душата кога ќе ги видиш како ги истураат по асфалтот патлиџаните. Не може да не ти се скине срцето… ако навистина си ја сакаш својата земја и својот народ“, напиша меѓу другото поетот и самокритично рече дека не може и неговата последна книга од 400 денари да чини како 26 килограми домати.
Според последните статистички податоци, во првото тримесечје од 2026 година, кај откупот на земјоделски производи е забележано намалување од 29 проценти. Земјоделски производители за продаденото добиле 66,4 милиони евра. Во истиот период во 2025 година тие наплатиле многу повеќе – 93,5 милиони евра.
Овој тренд е продолжеток на тоа што се случуваше минатата година. Било да е директно од нива, или преку откупен центар, земјоделците за целата мината година заработиле 441,2 милиони евра, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Ова е помал износ отколку во 2024 година кога вкупната заработка им била 470,3 милиони евра. Значи, и покрај растот на цените што беше карактеристично за минатата година, има намалување на вредноста за дури 29,1 милион евра, или 6,2 проценти.
Македонија сепак, прави поголем извоз на овошје и на зеленчук од увоз. Лани сме извезле 270 милиони килограми со што е реализиран прилив од 255,7 милиони евра. Увезени се 175,3 милиони килограми овошје и зеленчук во вредност од 179,5 милиони евра.
Еден килограм спанаќ се продава по 200 денари
За разлика од производителите на типичните летни зеленчуци, какви што се домати, пиперки и краставици, на оние што им текнало да произведуваат спанаќ, направиле добар есап. Спанаќ најдовме на една тезга на Зелен пазар, а тој чинеше 200 денари за килограм.
Спанаќот најдобро успева напролет и наесен. Во јули, со високите температури, брзо „оди во семе“ и лисјата стануваат груби и горчливи, па малку производители го одгледуваат. Сепак, за спанаќот што се продаваше на скопскиот пазар слушнавме пофалби од муштериите, кои и покрај оваа цена дошле повторно да купат.
Летниот спанаќ мора почесто да се наводнува, но и да има заштита од сонцето за да не овене, па тоа го прави како „вонсезонски“ и поскап производ.


